Тошковски: Не е научна фантастика, со пермутација на четири бројки во законите може да се смени важноста на документите

Тошковски-Не-е-научна-фантастика-со-пермутација-на-четири-бројки.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Техничкиот министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку медиумите ги извести граѓаните дека утринава до Владата поднел измени за две законски решенија.


„Предлог на закон за изменување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, едноставно кажано ова е за возачките и предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните по скратена постапка. Овие два закони како се донесени, кога се донесени, со кој ум се донесени од денешен аспект е небитно. Денеска е последен ден во чии рамки, пратениците коишто земаат плата од граѓаните на Македонија имаат можност да докажат дека се во насока на интересот на граѓаните. Без политиканство, без политиички игри. Само со измена на овие два закони во делот на важност како на возачките, така и на пасошите може да се решат проблемите на граѓаните. Се друго е козметика, шминка и популизам. Никој не може да предвиди кои последици ќе бидат предизвикани во иднина од овие два закони. Овие два закони се суштински во делот на важноста на документите и ако било каква друга козметика се проба да биде изведена може само да дополнително да искомплицира, граѓаните да не можат да си ги остварат своите права гарантирани со Устав, меѓународни конвенции“, рече Тошковски.

Според министерот, постапката е многу едноставна. Треба пермутација на две бројки од едниот Закон и две од другиот.

„Ова не е научна фантастика. Ова е доставено до Влада како предлог од мене како министер за внатрешни, но поради итноста ги замолив пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат ова по итна постапка, веднаш, да нема политиканство, денеска е последен ден. Со пермутација на четири бројки и со политичка волја на сите оние кои ги земаат пари од граѓаните на Македонија ќе се реши овој проблем којшто е срамен“, изјави министерот Тошковски.

„Македонските граѓани се лажени упорно во континуитет. Само матична држава којашто издала документ може да го поништи тој документ. Нема возачки дозволи во доволен број за да се задоволат потребите на граѓаните. Тоа е факт. Ова е единствено, нормално, возможно решение коешто може да ги реши проблемите, да не предизвика кршење на човекови права, а да не повредува нити одредби од меѓународен билатерален договор. Се друго е козметика и гол популизам“, додаде министерот.

За среќа, кажа министерот, заборавиле да ги сменат сообраќајните, како и личните карти.

Според Тошковски, Грција постапува согласно меѓународното право и согласно сите оние права коишто ги има за да постапува. Тој вели дека не е Грција проблемот.

„Проблемот е латентноста, полтронството и немање на љубов на нашите функционери кон своите граѓани. Тука е маката. Они да работат ко што работат грчките функционери немаше да сме на ова дереџе“, одговори министерот на новинарско прашање.

Од утре, документите кои не го содржат новото име на државата нема да важат оти истече периодт од пет години во кој државата имаше обврска да ги смени согласно Преспанскиот договор.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK