Таткото на бебето со исечен прст ја пријави медицинската сестра во полиција


bebe.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Таткото на новороденчето кое се здоби со повреда на раката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) пријавил во полиција дека бебето било повредено од медицинско лице во здравствената установа. Станува збор за 34-годишен жител на скопското село Батинци, кој случајот го пријавил на 20 ноември во СВР Скопје.


Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 16 ноември, околу 17:30 часот, во Одделот за гинекологија и акушерство при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

„А.А. (34) од село Батинци, скопско, пријави дека на 16.11.2026 година, околу 17:30 часот, во Одделот за гинекологија и акушерство при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, од медицинско лице било повредено неговото тридневно новороденче во пределот на левата рака, при што му била укажана лекарска помош на Детската хирургија. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.

Случајот стана познат во јавноста на 18 ноември, кога беше објавено дека новороденче на ГАК се здобило со повреда на прст, по што било префрлено на Клиниката за детска хирургија.

Според неофицијалните информации објавени во медиумите, повредата настанала при отстранување на инфузија, кога медицинска сестра наводно го засекла прстот на бебето. Овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежните институции.

Од ГАК претходно соопштија дека повредата била констатирана на 16 ноември, по што веднаш бил повикан детски хирург, кој препорачал новороденчето да биде префрлено на Детската хирургија за понатамошно згрижување.

Од Клиниката информираа дека случајот бил евидентиран како несакан настан и разгледан од Комисијата за квалитет. Најавија и седница на Дисциплинската комисија, која треба да ги утврди околностите под кои настанала повредата и евентуалната индивидуална одговорност.

Од ГАК порачаа дека нема да има толеранција за евентуално утврдени пропусти и дека, доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки согласно законските прописи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK