Водно доби уреден простор кај влезот кон жичарата, ново детско катче и моторички парк, а обновени се и клупите, кантите за отпадоци и летниковците. Активностите ги реализираше Град Скопје, од каде што информираат дека претходно бил асфалтиран и патот кон Средно Водно, каде што за првпат било поставено и ЛЕД-осветлување.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски посочи дека со новиот моторички парк децата ќе имаат можност преку игра на отворено да ја развиваат рамнотежата и координацијата.
„За илјадници скопјани, Водно е дел од животот. Тука доаѓаме на прошетка по работниот ден, а за викенд тргнуваме по патеките со семејството и со пријателите. Затоа, за мене како градоначалник, заштитата на Водно и обновата на местата каде што скопјани се собираат и одмораат се меѓу најважните приоритети“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во изминатиот период биле уредени влезот кон жичарата и просторот околу него, изградено ново детско катче, а обновени биле и урбаната опрема и дрвените елементи.
„Ги обновивме клупите, кантите за отпадоци и летниковците, а дрвените елементи ги освеживме со нова боја“, посочи градоначалникот.
Ѓорѓиевски изрази благодарност до општествено одговорната компанија „Филип Морис“ за поддршката во уредувањето на просторот.