По повод големиот муслимански празник Курбан Бајрам, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска беше гостин во семејството Јетиш. Во топла, пријателска и празнична атмосфера, таа им го честиташе празникот и им посака здравје и бериќет, негувајќи ги традициите на меѓусебно почитување и соживот меѓу сограѓаните.
Од општината велат дека бидејќи вистинската суштина на овој празник лежи во солидарноста и грижата за луѓето околу нас, денот беше искористен да им се подаде рака и на оние на кои поддршката им е најпотребна. Со искрена желба празничната радост да стигне до секој дом и ниту еден сограѓанин да не ја почувствува тежината на немаштијата во овие празнични денови, градоначалничката посети повеќе социјално загрозени семејства кои го одбележуваат празникот и им подели хуманитарни пакети со намирници.
-Курбан Бајрам е празник кој нè учи на хуманост, почит и меѓусебно помагање. Радоста на празникот е вистинска само кога е споделена. Мојата искрена желба и заложба е никој да не се почувствува осамен или заборавен. Затоа денеска сме тука, да подадеме рака и да придонесеме за една достоинствена празнична трпеза за нашите сограѓани на кои им е најпотребно. Како локална самоуправа остануваме посветени на градењето заедница во која владее заедништвото и во која секој ја има нашата поддршка- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.