Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на свеченото одбележување на денот на полуматурата и матурата на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, каде заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, беа дел од овој значаен ден за децата и младите од домот.
На настанот присуствуваа и претседателот на Здружението на пензионери на Општина Центар, како и претставници од Активот на жени пензионерки на Општина Центар, кои со своето присуство дадоа дополнителна поддршка и внимание кон матурантите.
По тој повод, Општина Центар обезбеди и додели ваучери за полагање возачки испит за четири матурантки од домот, како поддршка во нивниот понатамошен личен развој и осамостојување.
„Овие млади луѓе заслужуваат поддршка, внимание и мотив плус на нивниот пат кон самостоен живот. Нашата обврска како локална самоуправа е да бидеме тука за нив, да им дадеме поттик и да покажеме дека не се сами. Верувам дека секоја подадена рака и секоја вложена поддршка значи многу во градењето сигурна и успешна иднина“, изјави Герасимовски.
Од Општина Центар посочуваат дека продолжуваат со активни мерки и поддршка за децата и младите, особено за оние на кои им е потребна дополнителна грижа и помош во процесот на образование, интеграција и осамостојување.