Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник во Собранието, Оливер Спасовски го осуди приведувањето на две лица кои вчера инсистираа на средба со градоначалникот на општина Врапчиште на собирот пред општината, поради забраната да вршат градежни активности за реставрација на изгорената црква Света Петка во Галате.
Спасовски одговарајќи на новинарски прашања изјави дека ваквите инциденти длабоко задираат во чувствата на граѓаните, а може да се случат уште многу напади и спречувања во делот на верски објекти и на тој начин да се потпалуваат меѓуетничките судири во државата.
„На Македонија не е и се потребни инциденти во делот на меѓуетничките односи, не смееме да си играме со правото на вероисповест. Се што треба да се решава, треба да се решава помеѓу институциите на системот, дали е тоа МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, локалната самоуправа, власта. Преку дијалог мора да се дојде до решение. Затоа што на крајот граѓаните треба да ги сносат последиците. Сметам дека е неоправдано е и го осудувам приведувањето на било кој во еден ваков случај. Не треба и да се посегнува по таков начин на однесување кога станува збор за верски објекти“, рече Спасовски.
Коментирајќи го односот на полицијата, Спасовски го спомена и инцидентот на скопскиот аеродром, градничниот премин Блаце, коментирајќи дека нема оправдување, а МВР треба да им служи на граѓаните.
МВР синоќа се огласи за апсењата објаснувајќи дека лицата пружале отпор на полицијата која им наредила да ја напуштат општината.
„Групата граѓани се упатиле пред општина Врапчиште, каде се одржал мирен протест. Од страна на Д.П. и уште две лица, дел од траката е залепена преку влезната врата на општината, а по извесно време Д.П. со група од околу 10 луѓе влегува во објектот на општината, со цел да бидат примени од страна на градоначалникот Исен Шабани. По извесно време, градоначалникот се согласил да ги прими, но со услов разговорот да не се снима со приватни телефони. Групата граѓани одбиле да го направат тоа и градоначалникот побарал да го напуштат објектот. Откако не го напуштиле, градоначалникот побарал од полициските службеници да го испразнат објектот, по што од страна на полициските службеници при ПС ОН Гостивар на групата граѓани им е дадена наредба да го напуштат објектот на општината, нешто кое Д.П. и уште едно лице одбиле да го направат и пружиле активен отпор на полициските службеници. Двете лица се приведени во просториите на ПС Гостивар и по извршен службен разговор со нив и направена консултација со јавен обвинител, истите се пуштени да си одат“, истакнаа од Министерството.
Претходно денес со став излезе и премиерот Христијан Мицкоски кој пак порача до граѓаните да не наседнуваат на провокации бидејќи ова е дел од фолклорот за сеење етничка и верска нетрпеливост. Додаде и дека инциденти од овој тип ќе има во периодот којшто следи.
Жителите на Галате викендов почнаа со градежнни работи, за реставрација на црквата Света Петка кај гостиварко Врапчиште, но по налог на Градежниот инспекторат од општината, полицијата ги прекина работите, а црквата денес беше оградена со лента на којашто пишуваше „Градежен инспекторат (општина Врапчиште)“.
Граѓаните инситираа на прием кај градоначалникот на општина Врапчиште, но до средба не дојде.
Црквата Света Петка се наоѓа на магистралниот пат помеѓу Врапчиште и Тополица. Беше запалена од страна на УЧК во во 2001 година.