„По укажувања и поплаки од жителите на селата Пагаруша и Вртекица, политичката партија Левица поднесе барања за пристап до информации од јавен карактер до надлежните институции во врска со активностите во каменоломот лоциран помеѓу овие две села“, велат од партијата Левица.
„Според информациите доставени од засегнатите жители, постојат сериозни сомнежи дека во каменоломот се врши или се подготвува нелегална експлоатација, при што ископаниот материјал би се транспортирал до индустриски капацитет во Драчево, наменет за производство на градежен малтер. Дополнително загрижува фактот што транспортот на материјалот е предвиден да се одвива низ селото Пагаруша, по локален пат кој е во исклучително лоша состојба и воопшто не е одржуван со децении. За патот единствено се грижи локалното население.
Согласно законските прописи, концесионерот е должен да обезбеди соодветна инфраструктура за транспорт, вклучително и пристапен пат кој ги задоволува техничките стандарди за носивост и безбедност, како и да не предизвикува оштетување на јавната инфраструктура. Воедно, концесионерот има обврска да обезбеди одобрение од надлежниот орган кој стопанисува со патот – Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта или, во случај на локален пат, Општина Студеничани. Доколку постојната инфраструктура не ги исполнува условите за транспорт на тешки товарни возила, концесионерот е должен да изврши реконструкција и проширување на патот или да изгради посебен индустриски пристап.
Имајќи ги предвид овие сериозни индиции, Левица прашува: дали постои валидна концесија за експлоатација на овој каменолом, дали се обезбедени сите потребни дозволи и дали се почитуваат законските обврски во однос на инфраструктурата и заштитата на јавниот интерес, како и заштитата на животната средина?
Воедно, ги повикуваме надлежните инспекциски служби, како и Министерството за внатрешни работи, итно да постапат, да извршат теренски увид и целосно да ги расчистат сите дилеми поврзани со овој случај. Жителите на Пагаруша и Вртекица имаат право на безбедна животна средина и заштита од евентуални незаконски и штетни активности.
Левица ќе продолжи будно да го следи случајот и да делува во насока на заштита на јавниот интерес и владеењето на правото“, се додава во соопштението на партијата Левица.