Со 88 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на министерствата

Screenshot-2024-06-08-075006.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Со 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа. Предлагач на законот беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.

Расправата за донесување на Законот со кој Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ.

Предлогот жестоко беше критикуван од пратениците на СДСМ и Левица.

Пратеникот и претседател на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски во неговото обраќање рече дека Законот се носи не за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.

„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање“, рече Ковачевски.

Амар Мециновиќ од Левица истакна дека експертите и академската фела не се вклучени во измена на една ваков системски закон.

„Вие се однесувате како да имате божји а не народен мандат. Се е ставено на брза лента за да може да почне шемата за отплаќање на долговите кон елитите кон кои должите. На овој број население треба помалку министерства, а нелогично е, според него, што трудот се спојува со економијата. Ова е огледало на вашиот авторитаризам“, кажа Мециновиќ.

Коалицијата предводена од ДУИ изрази поддршка за предлог-законот. Одлуката ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети.

„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Но, цениме дека еден ваков упад треба да биде сериозно разгледан, но ова ќе го оставиме на времето, дали ќе биде постигната таква ефикасност“, рече Беџети.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK