Општина Центар информира дека во наредниот период ЈП „Паркови и зеленило“ ќе спроведе активности за сечење и кастрење на дрвја на улиците „Ленинова“ и „Мирослав Крлежа“, согласно решенијата донесени од Град Скопје, по извршен стручен увид на терен.
„На улица „Ленинова“, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, ќе бидат отстранети 25 дрвја, а 74 ќе бидат искастрени. На улица „Мирослав Крлежа“, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до ул. „Орце Николов“, е предвидено сечење на 3 и кастрење на 13 дрвја.
Според стручниот увид, дрвјата предвидени за сечење се биолошки деградирани, суви, заболени, мртви, или со нарушена стабилност на кореновиот и стеблениот систем, поради што претставуваат потенцијален ризик за безбедноста на јавниот простор. Кај дел од останатите дрвја е потребно кастрење поради суви и надвиснати гранки.
Дрвјата што ќе бидат исечени ќе бидат заменети со нови повозрасни садници (над шест години) во ист број и од истиот вид,
Новите дрвја ќе бидат засадени на истата локација каде што е извршено сечењето, согласно решенијата на Град Скопје“, соопшти Општина Центар.