Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денес присуствуваше на конфренција на тема „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“, организирана од Конфедерацијата на слободни синдикати.
На настанот, на кој говореа и директорот на Националниот демократски институт во Република Македонија, Дејвид Сид; претседателот на синдикалната организација на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој при Синдикатот на администрација и државна управа, Стефчо Негриески и членот на македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски, Ѓорѓиевски ги изнесе своите видувања за намалување на можностите за корупција во општините бидејќи, истакна тој, таа води кон губење на доверба кај граѓаните во институциите и во целиот систем.
– Императивот на секоја единица на локална самоуправа е да обезбеди квалитетни услуги за своите граѓани. Затоа и она што најмногу не’ засега е јакнењето на капацитетите на нашата администрација, бидејќи само со транспарентно и отчетно работење, со професионална администрација, оносно службеници кои имаат висок степен на личен и професионален интегритет можеме да говориме за намалување на можностите за корупција, истакна Ѓорѓиевски.
Во своето излагање најмногу се задржа на транспарентноста, како модел на работа кој го олеснува откривањето и следењето на корупцијата.
– Тука говорам и како Претседател на ЗЕЛС, но и како градоначалник на Општина Кисела Вода која за само две години забележа скок во транспарентноста за дури околу 30 проценти. За ова да се случи, реализиравме крупни проекти- како јавната достапност на деталите урбанистички планови, до кои во минатото не можеше да се дојде, воведувањето на дигитални услуги за граѓаните, на јавни седници на Советот, вклучувањето на граѓаните при креирањето на Буџетот, и проектите како Меѓународниот конкурс за Расадник. На истата тема, со илустрации од сработеното, сакам да проговорам и од аспект на ЗЕЛС. Веќе 10 години општините издаваат дозволи за градење исклучиво по електронски пат или се продава државно градежно неизградено земјиште со јавни аукции кои се спроведуваат електронски. И продажбата на движни и недвижни ствари на општините се реализираат електронски. Но морам да укажам дека ЗЕЛС, исто така, веќе пет години бара воведување и на електронски систем на плаќање на данокот на имот, за што централната власт е глува, истакна претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.
Тој говореше и за висината на платите на општинската администрацијата, која е друг значаен фактор за создавање на професионална и стручна општинска администрација и за игнорантскиот однос на централната Власт која склучи колективни договори со синдикатите, а при тоа ниту ги консултираше ниту им префрли на општините дополнителни средства за да може договорените обврски да ги исплатат. Посебен преседан е и новиот Предлог -Закон за јавна администрација, потенцираше Ѓорѓиевски.
– Во новиот Предлог -Закон за јавна администрација се дозволи да се стават и одредби со кои директно се кршат одредени, со Устав, гарантирани права на работникот. Додека само декларативно Владата се залага за професионална и стручна администрација, а ние во општините се соочуваме со недостиг на стручни кадри, преку предлог Законот за административни службеници, се предвидува јавната администрација во општините, за исто звање и одговорности да има помал бод на плата од вработениот во државната администрација. Тоа ќе доведе до напуштање на позициите во општините и вработување на стручниот кадар на централно ниво. Целосно ги поддржуваме синдикатите во оваа борба за правата на работникот. За мене, денешниов настан воедно претставува и продолжување на успешно започнатата соработка на ЗЕЛС со ККС и СОНК, по средбата што ја одржавме во ЗЕЛС во ноември минатата година. Потоа, во декември, синдикалните претставници добија можност да ги изнесат своите барања и состојби пред сите градоначалници на седницата на највисокото тело на ЗЕЛС, а тоа е Генералното собрание. Се договоривме дека преку дијалог и заемно разбирање ќе изнајдеме соодветни решенија што ќе бидат најмногу во полза на нашите вработени. Јас и понатаму оптимистички гледам на разрешување на оваа ситуација, бидејќи следуваат избори кои, сум сигурен ќе донесат нови кадровски решенија во Владата кои во фокусот на своето работење ќе го имаат граѓанинот и неговите права, заокружи претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.