Финансиската поддршка за онколошките пациенти кои ги исполнуваат условите е исплатена, информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. На јавниот повик се пријавиле повеќе од 1.200 пациенти, а повикот и натаму останува отворен.
„Заедно кога е најпотребно – сите онколошки пациенти кои побараа помош, се исплатени
Постојат моменти кога зборовите не се доволни.
Моменти кога човечноста не се мери со тоа што ќе го кажеме, туку со тоа дали ќе подадеме рака кога некому му е најтешко.
Токму затоа, со чувство на огромна одговорност и искрена грижа, обезбедивме финансиска поддршка за нашите сограѓани кои ја водат една од најтешките животни битки.Повеќе од 1.200 онколошки пациенти аплицираа на повикот“, вели скопскиот градоначалник.
Соопшти дека секоја апликација била обработена со максимална посветеност и внимание, а исплатата за сите кои ги исполниле условите е завршена денес или во текот на наредниот ден.
Повикот, како што појаснува, сѐ уште е отворен и може да се аплицира.
„Зад секоја бројка, почитувани, стои човек.
Стои семејство.
Стојат непроспиени ноќи, страв, надеж и огромна борба.
И токму затоа ова е порака дека никој не е сам.
Дека зад секоја тешка битка постои заедница која знае да сочувствува, да помогне и да биде тука кога е најпотребно.
Болеста може да го направи патот тежок, но не смее да ја одземе надежта.
Наша човечка и институционална обврска е да бидеме покрај нашите сограѓани не само со зборови, туку со конкретни дела, грижа и поддршка.
Затоа што во најтешките мигови, најважно е човек да знае дека не е сам.
Заедно сме посилни.
Заедно ја чуваме надежта.
Заедно, кога е најпотребно“, напиша на социјалните мрежи ѓорѓиевсски.