По повод 34-тиот роденден на Армијата, денеска во Кампот за обука на вода во Охрид, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“.
На свеченоста се обратија: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе дека македонската Армија е „високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост, што резултира со ̶ највисока доверба кај граѓаните и заслужена почит на сојузниците.“
Во оваа прилика, претседателката Сиљановска-Давкова упати признание до припадниците на Армијата за нивната професионалност, посветеност и подготвеност, истакнувајќи дека токму луѓето се темелот на секоја современа и кредибилна армија. „Модерна армија се гради со добро обучен и подготвен кадар, со знаење, организација и способност новите средства да се претворат во реална оперативна моќ“, нагласувајќи дека највисоките оценки на Лесната пешадиска баталјонска група и придонесот на македонските припадници во меѓународните мисии и операции се потврда дека Армијата успешно ги претвора стандардите на Алијансата во сопствена воена практика и со одговорност ги исполнува своите обврски во НАТО.
Во своето обраќање пред присутните, министерот Мисајловски оддаде признание на сите генерации припадници на македонската Армија и вработени во одбраната кои сите овие изминати години ја граделе оваа институција и системот на одбраната. „Секој еден од нив, со својата професионалност и посветеност придонесува кон мозаикот кој ни овозможува јасно и гласно да кажеме – Македонија е безбедна и стабилна држава“, рече министерот и додаде дека во време исполнето со глобална несигурност, Армијата и одбраната се столбот, кој како држава нè држи исправени – стабилни и безбедни. Мисајловски по повод денешниот празник истакна дека со поддршката од Владата, со силен интензитет ќе продолжат сите активности за развој на Армијата која вклучува нејзино модернизирање, инфраструктурен развој, повеќе обуки и вежби и нагласи:„Ја зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО, но истовремено покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамки на Алијансата“.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе: „18 Август пред сè е ден на незаборав и на длабока почит. Ден кога се поклонуваме пред сите оние кои низ различни историски периоди ја носеле во себе идејата за слободна Македонија и кои со својата храброст, истрајност и жртва го трасирале патот кон слободата и државноста“.
Генералот Лафчиски истакна дека периодот помеѓу двата празника беше исклучително успешен, нагласувајќи дека Армијата уште еднаш ја потврди својата оперативна зрелост и способност во исполнувањето на највисоките национални и НАТО стандарди. „Овој напредок е препознаен и од нашите сојузници. Бројните високи политички и воени претставници кои ја посетија државата и Армијата упатија јасна и недвосмислена порака за професионалноста на нашите припадници, напредокот во развојот на способностите и активниот придонес, во зајакнувањето на колективната безбедност“, рече генералот Лафчиски.
Во рамките на централната свеченост, како признание за особен придонес во развојот на одбранбените способности и исполнувањето на задачите и обврските, претседателката на Републиката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова со „Орден за воени заслуги“ ги одликуваше Командата за операции и Центарот за одгледување и дресура на кучиња.
Согласно програмата на денешната свеченост, а врз основа на резултатите и оценките постигнати за време на школувањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје во период 2022-2026 година, на најдобрите тројца рангирани потпоручници им беа доделени соодветни признанија.
На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, командантот на Копнените сили на Вермонт Ерик Гањон, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата и други гости.
Денот на Армијата – 18 Август е определен со одлука на Владата од 3 јуни 1993 година, со која за празник на Армијата е определен денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година на Славеј Планина.