Сиљановска-Давкова од Љубљана: Процесот на проширување на ЕУ да не се кочи со билатерализација за идентитетски прашања


siljanovska-vo-slovenija.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Процесот на проширување на Европската Унија не треба да се билатерализира, особено кога тоа е врзано за идентитетски прашања за кои не се преговара, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар во Љубљана.


Во рамките на својата официјална посета на Република Словенија, Сиљановска-Давкова истакна дека државата останува целосно посветена на европскиот пат и дека очекува континуирана поддршка од официјална Љубљана. Таа потенцираше дека земјата не бара привилегии, туку доследна примена на европското право.

„Европската Унија персонифицира единство на различностите. Бараме доследна примена на европското право и почитување на историскиот и културниот идентитет на народите и дигнитетот и интегритетот на индивидуите“, изјави претседателката, додавајќи дека државата веќе има 100% усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и заслужува напредокот да се вреднува низ призмата на Копенхашките критериуми.

Претседателката предупреди дека интеграцијата на Западниот Балкан е клучно безбедносно прашање, нагласувајќи дека реториката не е доволна за отпорност кон туѓи влијанија, бидејќи во геополитиката не постои вакуум простор. Во тој контекст, таа ја потврди својата подготвеност за активен придонес во рамките на регионалниот Процес Брдо-Бриони.

На билатерален план, двете претседателки констатираа дека односите меѓу Македонија и Словенија се одлични, со сериозен потенцијал за продлабочување во сферите на економијата, образованието, науката, културата и туризмот. Словенија беше посочена како еден од најзначајните странски инвеститори во земјава, со посебен акцент на соработката во енергетиката и зелената транзиција.

Сиљановска-Давкова изрази задоволство и за третманот на македонската заедница во Словенија, која преку учеството во Советот за народностите, општинските совети и Националното собрание покажува дека успешната интеграција во ЕУ не подразбира откажување од сопствениот идентитет, туку негово негување и почитување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK