Салиу по нападот од извршителката Јакимовска: Ме изгреба, физички ме нападна и ми го скина кабелот на микрофонот

furkan-saliu.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Денеска беше физички нападнат новинарот Фуркан Салиу додека подготвувал сторија за извршителката Весна Јакимовска. Како што вели тој за Макфакс, извршителката го изгребала, физички го нападнала и го оштетила неговиот микрофон. „Ќе видите како реагира еден извршител кој си има работа со човечки судбини, ама овде изгледа работи како да ги уништи тие судбини„ рече Салиу во своето обраќање на „Фејсбук“.

„Во конкретниов случај Јакимовска сака да легализира нелегален објект и после да го извршува, иако имотот не е на име на човекот што должи. Едноставно отидовме да побараме одговор затоа што со недели ја бараме да ни даде изјава за да искочи пред нашата камера и одлучивме да отидеме таму каде што ќе извршува. Почнавме да ја прашуваме, зошто и како, кога го виде микрофонот изреагира како што изреагира, го скина кабелот на микрофонот и бевме приморани да викнеме полиција, зошто и микрофоните ни ги зема. Во полиција негираше, два микрофони земавме ама еден негираше дека е кај нејзе и не ни го врати. Додека бевме во полиција имаше големи притисоци, бараше од полицијата да ми се одземат снимките, но тоа не оди така. Не може полиција да ми одземе снимки. Мене ме изгреба, физички ме нападна и како што кажав, го оштети микрофонот“, вели Фуркан Салиу за Макфакс.

Како што додава Фуркан, за целиот случај има сведоци, инциденот е снимен и обвинителството треба посериозно да се занимава со Јакимовска. Очекува да види како ќе изреагира обвинителството  и како ќе заврши целиот случај.

„Извршителката Јакимовска е позната во регионот на Гостивар и во Кичево и нејзиниот стил на работа, едноставно бира семејства кои што немаат политички грб, политичка моќ или пак други луѓе што ги поддржуваат, такви жртви бира. Имаше и случај кога извршува долг на трето лице, кое не е вмешано во случајот“, посочува Салиу.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска. ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.

И самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со огорченост ја прими информацијата за физички атак на извршителката Весна Јакимовска од Кичево врз колегата Фуркан Салиу од ПорталИкс.

„Особено веста за телесните повреди кај колегата и уништувањето на дел од нивната опрема при вршењето на новинарската секојдневна пракса не поттикнува да бараме итно разрешување на овој инцидент“, рекоа од ССНМ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK