На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески кој оцени дека интерпелацијата поднесена од опозицијата против министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, не се темели на факти и претставува обид за дефокусирање на јавноста од состојбите што, според него, ги наследила актуелната власт.
Ристески истакна дека наследството од претходната власт предводена од Љупчо Николовски е видливо преку заостанати долгови, незадоволство кај земјоделците и сомнежи за незаконско работење.
„Оваа интерпелација поднесена од опозицијата против министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски не се темели на никакви реални факти ниту пак на издржани бројки, таа е класичен пример на политички маневар за дефокусирање на јавноста од вистинската одговорност за пустошот, долговите и девастацијата што во земјоделството ги остави претходната расипничка власт на СДС предводена од поранешниот министер Љупчо Николовски“, рече Ристески.
Ристески упати остри критики кон поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николоски тврдејќи дека зад себе оставил финансиски и институционални проблеми во ресорот.
„Наследството на СДС и Љупчо Николовски е егзактно мерливо преку празни каси, незадоволни земјоделци кои со денови протестираа по патиштата и сериозни сомнежи за енормен криминал. Поранешниот министер Љупчо Николовски се соочува со сериозни сомнежи и кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Оваа пријава е поврзана со незаконска и нетранспарентна распределба на дури 50 милиони денари, односно над 820,000 евра државни пари од буџетот на Република Македонија. Овие средства кои беа законски наменети за поддршка на малите семејни винарии и микропроизводители на вино биле доделувани спротивно на прописите и без соодветна правна основа. Тоа е класичен пример за буџетски криминал, грабеж директно на грбот на македонските земјоделци“, истакна Ристески.
Во своето обраќање, Ристески ја истакна работата на актуелниот министер Трипуновски, наведувајќи дека Министерството за земјоделство за краток период постигнало конкретни резултати во стабилизирањето на секторот.
„Актуелниот министер Трипуновски покажа како се работи одговорно, домаќински и транспарентно, за рекордно кратко време ова министерство испорача конкретни, мерливи и видливи резултати кои директно ја вратија стабилноста и сигурноста. Сакам да презентирам неколку клучни факти кои целосно ја демантираат оваа неоснована интерпелација. Прво, енергична финансиска поддршка, во изминатиот период министерството успеа да исплати околу 8 милијарди денари, кои отидоа директно на сметките на земјоделците за расчистување на сите заостанати долгови кои СДС свесно ги остави. Второ, санација на штетите преку ребалансот, оваа влада исплати 40 милиони евра наменети за покривање на затекнатите дупки. Трето, редовност и предвидливост, само од почетокот на оваа година на сметките на земјоделците се веќе легнати помеѓу 20 и 30 милиони евра, за разлика од претходно кога субвенциите доцнеа со месеци па и со години“, вели Ристески.