Рама: Албанија никогаш нема да го попречи европскиот пат на Македонија, уставните измени се внатрешно прашање


rama-evropski-pat.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Албанскиот премиер Еди Рама појасни дека неговите изјави во врска со уставните измени и вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав биле извадени од контекст, нагласувајќи дека Албанија никогаш нема да го попречува европскиот пат на Македонија.


На заедничкиот настан со премиерот Христијан Мицкоски, по повод промоцијата на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, Рама рече дека Македонија мора да го исполни условот за уставни измени за да продолжи кон членство во Европската Унија, но истакна дека тоа е внатрешно прашање на македонската држава.

„Македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор да ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но исто така јас никогаш, ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Македонија кон ЕУ“, истакна Рама на промоцијата на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан.

Тој нагласи дека секогаш бил поддржувач на приближувањето на нашата држава кон Европската Унија, но дека никогаш не би си дозволил да ѝ кажува на македонската Влада или на македонскиот народ што треба да направат.

Рама посочи дека неговата изјава била одговор на прашање од бугарски новинар и дека нејзината содржина треба да се разгледува во поширок контекст, а не само преку издвоени делови.

„Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме реалноста и исто така сме конструктивни и нудиме секогаш решенија за надминување на овој предизвик“, рече Рама.

Според него, довербата меѓу државите се гради преку конкретни проекти што ги поврзуваат, посочувајќи го Коридорот 8 како пример за соработка меѓу Македонија, Албанија и Бугарија.

Осврнувајќи се на односите со премиерот Мицкоски, албанскиот премиер рече дека нивното пријателство е обострано и дека двајцата отворено и искрено ги кажуваат своите ставови.

„Јас сум сигурен дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија“, порача Рама.

Премиерот Мицкоски оцени дека изјавата на неговиот албански колега за европскиот пат на Македонија била извадена од контекст, нагласувајќи дека станува збор за внатрешно прашање на македонската држава.

Мицкоски посочи дека Рама дал пошироко објаснување со кое одговорил на новинарските прашања, но дека во јавноста се издвојува само дел од неговата изјава, без да се земе предвид целокупниот контекст.

Тој нагласи дека за позитивен процес е потребна доверба, која се гради преку конкретни проекти и соработка меѓу државите. Како пример го посочи Коридорот 8, кој ги поврзува Албанија, Македонија и Бугарија, истакнувајќи дека ваквите проекти придонесуваат за поблиски односи и заедничка иднина.

„Денешниот настан е токму во таа насока, да работиме на проекти кои што нè зближуваат и да останеме во рамките на она што претставува внатрешно прашање на нашите држави“, изјави Мицкоски.

Тој изрази уверување дека нашата земја и Албанија во иднина ќе станат членки на Европската Унија.

„Јас сум сигурен дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија“, порача премиерот Мицкоски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK