Проширувањето на ЕУ и Западен Балкан во фокус на панел-дискусијата во Собранието


eu1-debara-vo-sobranie.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Собранието денеска се одржа панел-дискусија на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“.Целта на еднодневната панел-дискусија беше да се разгледаат геополитичките фактори кои ја обликуваат траекторијата на проширувањето на Европската Унија во Западен Балкан, преку оценка на можностите и ризиците за регионот и за Европската Унија. Во рамки на дискусијата беа анализирани и улогата на надворешните актери, како и конкурентните влијанија во регионот.


На настанот свои обраќања имаа претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски; претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче; шефот на Делегацијата во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, Иванка Василевска; заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков; амбасадорот на Шведска во земјава, Н.Е. Ола Солстром; заменик-амбасадорот на Швајцарија во земјава, Михал Харари; како и Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската Унија и експерт на УНОПС, кој се обрати на тема: „Проширувањето на ЕУ во променлив геополитички контекст: што значи тоа за Западен Балкан“.

Во своето обраќање, Милошоски се осврна на писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц до Европската комисија, во кое се предлага асоцијативно членство за Украина и можност за учество со комесар во Европската комисија. За земјите од Западен Балкан, како што истакна, се предлага повластен набљудувачки статус за прашања што го засегаат регионот, како и постепено вклучување во европските институции.

Филипче истакна дека актуелниот момент, во кој постои јасна волја од страна на Унија за проширување, треба да се искористи преку заедничко дејствување и носење на уставните измени, со фокус на иднината на младите генерации.

Василевска нагласи дека денес не се разговара само за иднината на државата, туку и за иднината на Европа, која, како што рече, не смее да дозволи политички и географски вакуум. Таа потенцираше дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за проширувањето, туку дека клучен критериум треба да бидат Копенхашките критериуми.

Заменик-министерката Трајков се осврна на реформскиот процес, истакнувајќи дека граѓаните очекуваат видливи резултати преку подобрување на јавните услуги и европеизација на системот. Таа нагласи дека членството во Европската Унија претставува стратешка определба и заедничка одговорност.

Амбасадорот Солстром говореше за искуството на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија, посочувајќи дека економските предизвици биле

клучен фактор за поддршката од страна на граѓаните за членство во Унијата. Денес, како што истакна, повеќе од 80 проценти од шведските граѓани ја поддржуваат одлуката донесена пред повеќе од три децении.

Заменик-амбасадорот Харари истакна дека членството во Европската Унија е значаен чекор за земјите од Западен Балкан, но и процес што носи обврски и предизвици. Тој нагласи дека Швајцарија ги поддржува реформите и меѓународната соработка на Владата, при што напредокот зависи пред сè од внатрешните реформи. Според него, вратата кон Европската Унија е отворена, но реформите ќе бидат одлучувачки фактор за напредокот на секоја држава.

Во своето излагање, Дробњак посочи дека проширувањето на Европската Унија е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на Европа. Тој потсети дека Европскиот парламент во своите заклучоци од март годинава ја нагласил важноста на проширувањето, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици и конфликти во и околу Европа.

По панел-обраќањата следуваше отворена дискусија, во рамки на која присутните имаа можност да ги споделат своите ставови и да постават прашања до говорниците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK