Приведено е уште едно лице за помагање на првоосомничениот во случајот со двојното убиство, Љупчо Палевски-Палчо, да ја напушти државата.
Според информациите од Обвинителството, станува збор за четириесет и шестгодишен скопјанец, а сомневањата се дека го возел Палевски кон Бугарија, а потоа и во Турција.
„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка Ланд Ровер, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“, велат од обвинителството.
За приведениот се чека одлука за 48-часовен притвор, а од Обвинителството велат дека посочуваат дека постојат околности кои го оправдуваат стравот за опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.