„Како што дознаваме, неофицијално, во моментот на насилниот упад во зградата на М-НАВ, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а 2 авиони, од кој еден бил на сериозна авио компанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО воздухоплови на аеродромот во Скопје, изјави поранешниот технички министер за внатрешни работи и член на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.
Според Чулев скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ и делењето на шамари и клоци судот ги пушти без притвор, само со мерки за претпазливост.
Во тие мерки, во соопштението, не се наведува дека им е забрането да одат повторно во институцијата, каде извршија кривично дело, што значи дека тепачите на ДУИ потмогнати од СДС, можат во секое време да го повторат делото.Извршен е насилен упад во М-НАВ, кој е објект на критична инфраструктура, и било загрозено небото над Македонија, која патем е НАТО членка, а со тоа било загрозено и европското небо и животите на илјадници патници, како домашни, така и странски, кои во тој момент се наоѓале во авионите.
МВР, како и секогаш, во овие седум години, во кои Оливер Спасовски е министер, е само нем набљудувач, се до моментот кога македонската јавност ќе направи огромен притисок, па дури потоа доцна се реагира, а како резултат на тоа четири лица од групата, се уште се во бегство и не се достапни на органите на прогонот, рече Чулев.
Како што посочува Чулев, затоа оваа неевропска коалиција, ќе одговара европски.
„Една од првите одлуки по преземањето на институциите и МВР ќе биде одговорност пред законот без исклучок на сите вмешани во овој сериозен меѓународен скандал. Ова ли е европската агенда на ДУИ и СДС? Ова ли е начинот на кој ќе ја внесуваат Македонија во ЕУ? После ваков невиден настан, непознат во Европа и светот, мора да следат оставки веднаш, од врвот па надоле. Одговорност мора и ќе имае! Никогаш не било полошо! Време е да ги поразиме“, завршува Чулев.