Петтата по ред Парада на гордоста, Скопје Прајд, годинава ќе се одржи на 22 јуни под мотото „Спектакуларно непослушни!“
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на Парадата на гордоста, чија што појдовна точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици, според истата рута како и минатите години и ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
„Со гордост може да кажеме дека минатите четири Паради на гордоста поминаа во најдобар ред, со максимално ниво на безбедност и со ниту еден инцидент за време на парадите, освен два инциденти кои се случија по завршувањето на Парадата. За двата инциденти институциите реагираа навремено, а за едниот беше отворена и постапка што се водеше како кривично дело од омраза, за кое сметаме дека е соодветен одговор од страна на институциите и показател за тоа дека државата сака да ги заштити правата на сите граѓани на оваа држава“,порача Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.
Нејзините очекувања се дека и оваа година нивото на безбедност ќе биде запазено.
„Очекуваме дека и оваа година ќе биде обезбедено тоа ниво на безбедност, како и во минатите години. Сега се наоѓаме во една деликатна ситуација бидејќи се’ уште официјално не се завршени изборите, затоа што имаше прегласување на неколку места, а Државната изборна комисија се’ уште не излегла со крајните резултати од изборите и поради тоа се’ уште немаме официјална комуникација со Министерството за внатрешни работи за да ги започнеме подготовките околу Парадата на гордоста од безбедносен аспект. Тоа ќе го сториме кога официјално ќе бидат завршени изборите, но сметам дека и новата владејачка гарнитура ќе сака да покаже дека оваа држава има демократски капацитети, бидејќи успешноста на една Парада на гордоста зборува токму за тоа какви се демократските капацитети на државата и колку институциите ги почитуваат правата на сите граѓани, па и на оние кои што не се мнозинство“,додава Пировска.
Оваа година слоганот на Парадата на гордоста во Скопје гласи „Спектакуларно непослушни!“
„Непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријахатот кој не’ владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд. Дури и „Њујорк тајмс“ објави фотографии на првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд. Тој ќе биде еден од најдобрите и најпосетените настани во Скопје како и претходните години“, рече Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка и додаде дека говорот на омраза што ескалира после најавата на Парадата само докажува колу има потреба од одржувањето на Скопје Прајд.
Тој додава дека парадата на гордоста е само еден ден во кој ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.
„Во нашиот слоган оваа година го одбравме концептот на непослушност, како политички концепт токму затоа што желбата да се живее слободно на ЛГБТИ+ луѓето често пати била обележана како каприц, како претерано барање или како непотребна желба за внимание. Барањето да се живее достоинствено и без насилство не е каприц. Потребата да бидеме видени, да се движеме во јавниот простор, да учествуваме во политичкиот живот- наместо постојано да сме затрпувавани во нашите четири ѕида, не е желба за внимание, туку барање за нашето еднакво место како и на сите други луѓе во ова општество. Можноста ЛГБТИ+ луѓето да ги посетат своите партнери во болница, да го наследат имотот на луѓето со коишто живееле цел живот, да не мора да се соблекуваат до последно парче облека за да го докажат својот родов идентитет- ова се наши основни права. Ако нашата идеја за еднаквост, за достоинство и буквално право на живот е спорно, тогаш ДА, одбираме да бидеме непослушни“, истакна Ангел Димитриевски, извршен директор на ЕКВЛИС и додаде дека се чини дека желбата и отпорот ЛГБТИ+ заедницата да биде замолчена и уште повеќе избришана од јавниот простор се’ повеќе расте.