Пакомак на Светскиот ден на животната средина: Со селектирање и рециклирање може да се намали отпадот кој завршува во депониите

Photo 3
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Годинава, фокусот е ставен на отпадот, особено пластиката, како потсетник дека активностите на луѓето за намалување на загадувањето на природата се важни, како и дека транзиција кон кружна економија и чекорите што владите и бизнисите треба да ги преземаат мора да се забрзаат.







„Време е да го победиме загадувањето од пластиката“ (It is time to #BeatPlasticPollution) е мотото со кое денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина. Годинава, фокусот е ставен на отпадот, особено пластиката, како потсетник дека активностите на луѓето за намалување на загадувањето на природата се важни, како и дека транзиција кон кружна економија и чекорите што владите и бизнисите треба да ги преземаат мора да се забрзаат.

Од Пакомак, друштвото за управување со пакување и амбалажен отпад, потсетуваат дека секој може да придонесе кон глобалната кауза со мали и едноставни активности, кои сепак може да имаат голем ефект.

„Со селектирање и рециклирање може значително да се намали количеството на отпад кој завршува на депониите. Што помалку отпад завршува на депониите, толку повеќе ќе се намали количеството на стакленички гасови и штетни материи што се испуштаат во животната средина. Друга причина е што правилното селектирање и рециклирање на отпадот може да создаде нови работни места и да ја стимулира економијата. Сите ние имаме одговорност. Граѓаните, институциите, компаниите да се однесуваме многу повеќе еколошки“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на Пакомак.

Редуцирањето на отпадот кој го создаваме е првиот чекор кон обезбедување на поздрава и почиста животна средина, но подеднакво важно е и правилното селектирање и одложување на отпадот, со цел тој да заврши во рециклажниот процес… а не во некоја од депониите ширум земјата.

Министерката за животна средина, Каја Шукова денеска апелираше отпадот треба да го гледаме како ресурс, а не како ѓубре.

„Од линеарна економја-произведи, употреби и фрли, мора да преминеме кон циркуларна, а целта да ни биде да го селектираме сето она што може да се реупотреби. На депонија смее да заврши само она што нема упoтребна вредност. Со тоа го намалуваме отпадот и добиваме суровина“, рече Шукова.

С. Македонија од декември 2021 година забрани употреба на пластични кеси, а во маркетите се достапни само биоразградливи кеси кои се продаваат за 15 денари. Средствата кои се собираат од нив се со посебна намена за инвестиции во животната средина. Сепак, пластиката за еднократна употреба е се уште присутна насекаде, а со пакетот закони со кои се регулира третманот на отпадот и отпадот од пакување во земјава беа забранети само во заштитените подрачја. Во меѓувреме, Пакомак активно работи на поставување на повратни вендинг машини низ земјата, преку кои се поедноставува процесот на одложување отпад, а притоа нуди и придобивки за граѓаните кои се вклучуваат на овој процес.

Според последните истражувања, во светот секоја година се произведуваат околу 400 милиони тони пластичен отпад, а до 2050 година глобалното производство на пластика се предвидува да достигне 1.100 милиони тони. Во една минута се купуваат еден милион пластични шишиња. Секоја година се користат до пет билиони пластични кеси, а половината од произведената пластика е за еднократна употреба.

Светскиот ден на животната средина е креиран од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се одбележува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK