Министерството за здравство информира дека пациентите со цистична фиброза почнуваат да го примаат лекот „трикафта“.
„Покрај 12-те пациенти кои веќе се на терапија со „Kaftrio“ во комбинација со „Kalydeco“, овие денови со терапија се вклучуваат и нови пациенти. Во петокот, на 29-ти декември две нови пациентки примија „трикафта“, денеска се вклучуваат уште двајца, а во петок се очекува лекот да го примат уште двајца пациенти“, велат од ресорното министерство.
Додаваат дека оваа група на пациенти етапно се вклучува на терапија, а согласно протоколот и прецизни критериуми на евалуација се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти, како што појаснуваат, е направена од стручна комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.
„Лекот „трикафта“ е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција. Ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив“, се нагласува во информацијата од министерството.