„Оставете не во мир“ – мурал на млади уметници од Франција, Германија и Македонија во Градскиот парк

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Мурал насловен „Оставете не во мир“ изработен од млади уметници од Франција, Германија и  Македонија ќе биде претставен денеска во Градскиот парк во Скопје.







Станува збор за проектот „Оставете нè во мир!“ на Францускиот институт во Скопје, Гете институтот и здружението „Лоја“ од Тетово во кој се вклучени дваесет и еден млади уметници од Франција, Германија и од  Македонија чија цел е зајакнување на мултикултурниот дијалог помеѓу младите од трите земји, поттикнување на креативноста и слободното изразување кај младите, повик на мир и помирување преку уметноста.

Проектот се реализира од 1 до 7 мај, со поддршка на Француско-германската канцеларија за млади и Француско-германскиот културен фонд, во рамките на програмата „Наша Европа, наша иднина“ и е во чест на 60-та годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор.

Младите креативци, по седум од секоја од трите земји, поминаа дводневна обука за сликање мурал  под менторство на тројца реномирани уметници – Французинката Ема Попи, Германецот Дамјан Ив Род и Украинката Марина Сорокина – Сомари. Обуката се одржа на 2 и 3 мај во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје, во присуство на средношколци од гимназијата.

-Тие заедно ќе го осмислат муралот со пораки за мир во Украина и во светот, а пораката за мир треба да одекне широко до сите граѓани, до љубителите на уметноста и до младите, наведуваат организаторите за муралот на младите креативци во Градскиот парк во Скопје на кој работат од вчера.

Уште еден помал мурал ќе биде изведен во општина Тетово со цел, како што се наведува, потсетување дека европската интеграција е единствената иднина за младите.

По завршувањето на проектот, ќе има видео запис којшто ќе биде споделен на социјалните мрежи. Ќе биде реализирана и изложба на фотографии на голем формат, која ќе биде прикажана во повеќе градови во Македонија, а ќе го носи насловот „Младите за мир“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK