Концерт со маестро Шаровски и хорнистот Боштјан Липовшек во Филхармонија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Оркестарот на Македонска филхармонија вечер ќе го изведе концертот насловен „Вилает“ на кој како солист ќе настапи хорнистот Боштјан Липовшек од Словенија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел.







Како што информираат од Филхармонија, на програмата на концертот се „Унгарски танц“ бр. 1 и Четвртата симфонија од Јоханес Брамс и Концертот за хорна и оркестар од Реинхолд Глиер. Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897), кому Роберт Шуман ќе му помогне да се афирмира како автор, се смета за еден од претставниците на романтизмот, иако структурата на неговите дела во најголем дел е – класична.

Од Филхармонија посочуваат дека „Унгарски танци“ се сет од 21 композиција, кои главно се базираат на унгарски теми. Брамс ги завршил во 1879 година. Тие се најпопуларните дела на овој композитор, а оригинално се напишани за четирирачно пијано, а подоцна првите десет биле аранжирани и за соло изведба. Дел од танците се аранжирани и за други инструменти и оркестарски формации. Последно симфониско дело на Јоханес Брамс е Четвртата симфонија (1885), во која настојува да ги негува достигнувањата на своите претходници. Се карактеризира со широк епски и меланхоличен карактер. Првиот став започнува со унисоно на целиот оркестар во една прекрасна везена мелодија, која потсетува на убавите песни на Брамс. Вториот став e балада и е опишан како некакво ехо од ритерските времиња, бидејќи се слуша рог со една традиционална мелодија, која потоа наизменично ја преземаат другите инструменти. Третиот став, единственото вистинско скерцо што се среќава во симфониите на Брамс, но делува и како некаква унгарска игра, а финалниот четврти став го карактеризира барокната форма што и Бах ја негувал често – чаконата.

Реинхолд Глиер го завршил Концертот за хорна и оркестар во Бе-дур, опус 91, во 1951 година. Премиерно бил изведен на 10 мај 1951 година од рускиот хорнист Валери Полех во Ленинград (Санкт Петербург) со Ленинградскиот радиосимфониски оркестар. Уникатниот тон и тонскиот распон на инструментот се покажал како потентно поле за инвенција и креативност. Концертот е напишан во неокласичен стил со силни влијанија од романтизмот, а во него Глиер успешно ги презентирал изведувачките перформанси на хорната, инструмент кој до тогаш најчесто имал функција само како дел од оркестарскиот звук. Со овој концерт, Глиер докажал дека хорната може одлично да функционира и како соло инструмент.

Боштјан Липовшек е прва хорна во Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија. Први учители му биле неговите татко и брат. Студирал кај проф. Јоже Фалоут на Музичката академија во Љубљана, каде што дипломирал и магистрирал. Студирал и кај Радован Влатковиќ на академијата „Моцартеум“ во Салцбург. Како солист настапувал со оркестарот на Радио Љубљана, со Словенечката филхармонија и со водечките оркестри во бивша Југославија. Како гостин прв хорнист, настапувал во Берлинскиот симфониски оркестар, со оркестарот на Операта во Брисел, со Симфонискиот оркестар на Мелбурн, со камерниот оркестар „Малер“, со Израелската филхармонија, Шкотскиот камерен оркестар, Австралискиот камерен оркестар и др.

Честопати настапува и на турнеите со Фестивал оркестарот на Будимпешта, кој го води Иван Фишер. Како солист настапувал под диригентската палка на Антон Нанут, Урош Лајовиц, Ен Шао, Јаков Крајцберг, Сиан Едвардс…

Добитник е на награда на интернационалниот натпревар во Порчија, Италија, и е награден со највисоката награда „Франце Прешерн“ што ја доделува Министерството за култура на Словенија (2008). Предава на Музичката академија во Љубљана од 1998 година, и на Академијата во Загреб, од 1995 година.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнува да изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните ’70-ти имигрира во Израел каде што дипломира на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот маестро Зубин Мехта, да ја прими наградата „Млад артист на годината“, кога ќе ја добие и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.

По турнејата во поранешна СССР, која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфониски ансамбли, изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски ќе раководи и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Женеиро, со кој ќе патува на турнеи во Бразил и во Европа и ќе сними четири цедеа. Тогаш Шаровски ќе го формира Младиот симфониски оркестар на Бразил, кој ќе стане еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО ќе замине на турнеја и во САД, кога во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центарот, ќе одржи концерти пред 50-илјадна публика, концерти кои ќе бидат високо оценети од публиката и критиката.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји. Во серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригира со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиооркестар, на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK