Османи разговараше со Сенаторот кој ја предложи Резолуцијата за подршка на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија

BO1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со американскиот сенатор, Питер Велч.

За време на разговорот министерот Османи упати благодарност до сенаторот Велч за поднесувањето на Резолуцијата во Сенатот на САД за поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ. Воедно, нагласи дека Резолуцијата, која е поддржана од сенатори од Демократската и од Републиканската партија, од една страна претставува дополнителна потврда дека нашиот евро-интегративен процес нема алтернатива, но истовремено е и охрабрување до Унијата дека треба да се забрза нашиот пат до полноправно членство.

„Резолуцијата е уште една демонстрација за силната поддршката од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и доказ за силното сојузништво меѓу двете земји во исполнувањето на споделената стратешка цел – нашето членство во ЕУ. Тоа е и на линија на нашите заеднички заложби во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, што го лансиравме со државниот секретар Блинкен во јуни 2022 година“, истакна Османи

Соговорниците, осврнувајќи се на текстот на резолуцијата, го поздравија напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на реформската агенда, поддршката за Украина, како и долгогодишното стратешко партнерство и НАТО сојузништво меѓу двете земји. Истовремено, беше истакнато и силното лидерство на Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ минатата година и конкретно неодамнешната посета на државниот секретар Блинкен на земјава и остварената средба со министерот Османи.

Резолуција за поддршка за влезот на Северна Македонија во Европската Унија е спонзорирана од демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч, демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина, Пит Рикетс и Том Тилис.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK