Креирањето еднакво и праведно општество е од суштинска важност за позитивен развој на локалните заедници и државата во целост. Само преку заедничка соработка и единство можеме да дадеме придонес во борбата против сите облици на дискриминација. Тоа го истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, пред учесниците на денешната Трибина за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација во Општина Охрид.
Пецаков изрази уверување дека донесените мерки и законски рамки насочени кон обезбедување еднакви можности ќе придонесат за подобар живот за сите граѓани. Тој посочи дека преку настани како денешниот ќе продолжи промоцијата на различностите и посветеноста кон создавањето инклузивност во сите сфери на општественото живеење.
На трибината насловена „Здружени и гласни за општество без дискриминација“ се разговараше за начините за препознавање на дискриминацијата, опциите за пријавување на нејзините облици, покренување постапки пред Комисијата и начините на отстранување дискриминација. Се разговараше и за проблемите со дискриминација со кои се соочуваат маргинализираните групи граѓани.
– За жал многу закони и ставки фигурираат само на хартија. Наша заложба е да бидеме гласни, да разговараме на темата, да се акцентира важноста од спроведувањето на легислативата во пракса. Само спроведени закони придонесуваат за градење здраво општество, истакна Јулијана Настовска-Петровска, социјален работник кој повеќе од 15 години работи на проблематиката.
Исмаил Камбери, претседаталот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, истакна дека според доставените претставки во македонското општество минатата година најмногу случаи дискриминација имало кон припадниците на ЛГБТ заедницата, преку вознемирувачки говор кон нив најчесто преку социјалните мрежи, како и во областа на работните односи, и тоа најмногу во јавната администрација со најчеста дискриминација по лична основа, општествен статус и политичко уверување.
Кога станува збор за доставените преставки до Комисијата за заштита од дискриминација од регионот на Охрид и Струга, тој е реативно мал, со некаде дваесеттина пријавени случаи во 2022 година. Најголем дел од нив е однесуваат на дискриминација на работно место, помал број случаи на вознемирување на социјалните мрежи.
– Целта е да ги запознаеме граѓаните како да препознаат дискриминација, бидејќи можеби некој е дискриминиран, а и да не знае, истакна Камбери.