Советот на Општина Штип усвои ребаланс на буџетот и одвои пари за дел од долговите на ЈП „Исар“

stip
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советот на Општина Штип на денешната вонредната седница донесе одлука да се трансферираат 18 милиони денари од општинскиот Буџет на сметка на ЈП „Исар“, со цел нејзино одблокирање. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека состојбите во ова комунално претпријатие се резултат на „недомаќинското работење на претходните раководства“.







– Овој долг сам по себе не е проблем доколку немаме дополнителни обврски од останати несервисирани долгови, како што е на пример обврската кон вработените заради неисплатени К-15. Сега ни се случува од сметката на претпријатието присилно да бидат наплатени украсните камења кои ги ставаа некои претходни директори, рече Јорданов.

На седницата на Советот на Општина Штип по ова од страна на советниците и од мнозинството и од опозицијата следуваше ретроспектива за тоа како работело претпријатието во изминатите 20 години. Во периодот кој следи претпријатието ќе добива пари од Општината за извршување на тековните обврски, додека за долгот кон ЕВН секој месец ќе се издвојуваат од претпријатието по три милиони денари.

Мнозинството советници на штипскиот Совет го изгласаа и ребалансот на Буџетот, со кој промени имаше во повеќето Програми. Најзабележително, капиталните расходи се намалија за 5.000.000 денари. За опозициската советничка група, ова е доволен приказ за тоа „колку некој има намера да го развива градот“. Во програмата капитални расходи има намалување на планираните расходи од 9.000.000 на 3.900.000 денари.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов посочи дека годинава ќе стартуваат булеварот „Партизанска“, катните гаражи, конзолите на река Отиња, од кои некои се веќе почнати, а за останатите ќе стартуваат наскоро.

– Погледнете ги другите ставки коишто се однесуваа за одржување на локални патишта, излезете пред јавноста и кажете со колкав износ се зголемени капиталните инвестиции кои ќе се случуваат во општина Штип, но очигледно подобро ви е да манипулирате и да презентирате лажна слика. На крајот од годината, кога ќе заврши реализацијата на овој Буџет, граѓаните ќе може да сведочат на реализирани капитални проекти кои се предвидени со овој ребаланс, а се однесуваат на булевар „Партизанска“, на конзолите на река Отиња, катните гаражи, локални улици, на сите капитални инвестиции коишто или се започнати или ќе бидат започнати, а се планирани и предвидени со овој ребаланс, изјави Јорданов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK