Општина Куманово стана сопственик на објектите на спортскиот аеродром Аџитепе

adzitepe
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општина Куманово од пред извесен период е сопственик на објектите на спортскиот аеродром Аџитепе, барање до надлежните е поднесено и за спортската писта, соопшти кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.







– Општината поднесе иницијатива за впишување на самите објекти, од страна на надлежните органи на име на државата и веднаш потоа откако беа впишани објектите со барање до Владата ни беа доделени објектите на општина Куманово од пред неполни два месеци под владение и сопственост. До пред шест месеци беше ничија земја, не беше впишан во ниту еден документ, ниту во сопственост на државата, ниту во сопственост на општината. Беше оставен на забот на времето и единствено коишто се грижеа, но неофицијално, не со документација беа спортскиот аероклуб Куманово на коишто сме горди, коишто постојат повеќе од 90 години, изјави Димитриевски.

Во моментов, општина Куманово води постапка за впишување и на спортската писта и просторот околу спортскиот аеродром Аџитепе. Како што појасни Димитриевски, првин ќе бидат сопственост на државата, а после на општината.

– Ова е локација којашто дава можности, во меѓувреме имавме и одредени заинтересирани инвеститори за локацијата, но сепак би ја задржале примарната намена, а тоа е спортски Аеродром со дополнителни можности за развој на еден карго, а зошто не и еден патнички аеродром, но тоа се сè размислувања. Постојат можности за отварање на место каде што би се обучувале спортски пилоти, зошто да не и пилоти за патничкиот авионски сообраќај, така што можностите се големи, вели Димитриевски.

Аеродромот Аџитепе за прв пат се споменува во пишани документи 1928 година, а клубот почнал да функционира во 1948 година. Пистата на Аџитепе е долга 2.050 метри, а во употреба се 1.000 метри должина на 100 метри ширина. Покрај спортскиот клуб, тука се одржуваат и неколку манифестации како што беше вчерашниот отворен ден за јавноста на Министерството за одбрана, се одржуваат и рок фестивали.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK