Награди и признанија за најдобрите пожарникари во ТППЕ и ДПД во Кочани

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Со свечена смотра и доделување на наградите на најдобрите поединци од Територијалната противпожарна единица и од Доброволното противпожарно друштво, денеска во Кочани беше одбележан 20 мај – Денот на пожарникарите.

Признанијата ги добија професионалниот пожарникар Влатко Јефтимов од ТППЕ и волонтерот Мирче Павлов од ДПД, а им ги врачи градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, при што на припадниците на двете единици им посака успешна работа и што помал број интервенции во наредниот период.



-Минатата година имавме вкупно 280 излегувања на терен за гаснење пожари и за технички интервенции, што е за околу 10 отсто помалку во однос на претходниот едногодишен период. Најголем број, односно 165 интервенции беа кај пожари на отворен простор во кои беше зафатена површина од околу 162 хектари, што е за четири пати помалку споредено со 2021 година. Во 47 случаи интервениравме на запалени објекти, а 17 интервнеции беа при пожари кај патнички и други моторни возила. Дополнително, нашата единица имаше и 27 други технички интервенции, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Голема помош и придонес во работата на професионалните пожарникари им даваат и волонтерите од ДПД – Кочани, кои со сопствени средства и донации во изминатиот едногодишен период набавија возила и опрема за интервенции.

-Пред еден месец обезбедивме возило цистерна од Словенија, а пред два дена ни пристигна комби возило за превоз на девет пожарникари, со дополнителен простор за опремата за технички интервенции. Покрај постојните педесетина, активно работиме на обучување на уште десетина нови членови, кои по завршувањето на курсот што го спроведува Дирекцијата за заштита и спасување ќе ја големат нашата кадровска екипираност. До крајот на оваа година треба да набавиме уште едно теренско возило за превоз на пожарникари и опрема, со што во возниот парк ќе имаме вкупно четири интервентни и навални возила, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.

Наградените пожарникари од двете единици истакнаа дека се горди на признанијата затоа што ги добиле по предлог од нивните колеги, при што Јефтимов годинава одбележува 30-годишен стаж во Територијалната противпожарна единица, а волонтерот Павлов е меѓу поискусните во Доброволното противпожарно друштво и помага во обуката на помладите колеги.

Во рамки на одбележувањето на Денот на пожарникарите, припадниците на двете единици со своите возила приредија дефиле по улиците во централното градско подрачје на Кочани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK