На Лопушник, кичевско, одбележани 80 години од смртта на Коста Солев Рацин

Lopusnik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На планината Лопушник, кичевско, каде на 13 јуни 1943 година трагично загина големиот македонски поет и револуционер Коста Солев Рацин денеска беа одбележани 80 години од неговата смрт. На местото каде е загинат свеќи запалија и му се поклонија тројцата ултрамаратонци, кои од саботата до денеска од Велес до Лопушник во чест на Рацин истрчаа ултрамаратон во должина од 156 километри.







-Потоа на ова место на спомен обележјето на погибјата длабоко во шумата на Лопушник пристигнаа и претставници на Општина Велес и Општина Кичево, како и борци од Кичево и претставници на Армијата. Сите запалија свеќи и се поклонија на големиот Рацин, информира за МИА ултрамаратонецот Верољуб Додевски.

Потоа сите заедно се искачија високо на планината Лопушник и положија букети цвеќе  и се поклонија и на споменикот направен во чест на големиот македонски револуционер и борец Кочо Рацин.

Во негова чест пред споменикот имаше и поетско читање.

На 9 ноември 1979 години посмртните останки на Коста Солев Рацин и 100-тина борци од НОВ од Велес и велешко се положени во крипта во внатрешноста на Спомен костурницата од НОВ во Велес, каде и денес  почиваат.

Во Велес има два споменика на Рацин, едниот пред велешката Гимназија „Кочо Рацин“, а вториот во центарот на Велес. Во Велес куќата на семејството на Солеви е воедно и Спомен Куќа на Рацин која е една од најпосетените.

Коста Солев Рацин е најпознат по неговата стихозбирка „Бели Мугри“ отпечатена во Пачатницата на Драгутин Шпулер  во Самобор, Хрватска на 25 ноември 1939 година на македонски јазик со велешки дијалект во 4.000 примероци. Во неа во 12-те песни доминираат социјалните и револуционерни теми. „Бели Мугри“ е преведена на многу светски јазици.

Рацин е роден во Велес во 1908 година, а загинал на само 34 ипол години.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK