Зајкова: Ќе објасни ли некој како во случајот со Сара од „тешка телесна повреда“ стигнавме до „телесна повреда“?!


monika-zajkova-ldp511.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Интегрален текст од објава на Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка во македонското Собрание


„Нема да ви помине и ова тукутака!

Како жена, но и пред сѐ како човек, бесна сум!

Барам конкретни одговори за случајот со брутално претепаната девојка во Охрид!

МВР првично поднело кривична пријава за ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, по член 131 став 3 од Кривичниот законик. Обвинителството потоа поднело обвинение за ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, заедно со уште две кривични дела – противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Девојката, според информациите на МВР, била физички нападната и изгубила свест!

ЌЕ ОБЈАСНИ ЛИ НЕКОЈ КАКО ОД ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА СТИГНАВМЕ ДО ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА?!

Обвинителството соопшти дека е извршено медицинско вештачење. Барам да се објасни дали се земени предвид сите повреди, начинот на нанесување на ударите и губењето на свеста, и кои конкретни медицински наоди ја оправдуваат промената на квалификацијата.

Не обвинувам никого однапред, но барам да се отстрани секој сомнеж дека тежината на насилството е минимизирана!

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈАВНО ДА СООПШТИ ПО КОЈ ЧЛЕН И СТАВ Е ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕТО!

Затоа што, доколку обвинението е со промената квалификацијата од член 131 став 3, максималната предвидена затворска казна за делото поврзано со повредата постои ризик да се намалува од ДЕСЕТ на ПЕТ години!

И НЕ, НЕ СМЕЕМЕ ТОЛКУ БРЗО ДА ЗАБОРАВАМЕ ШТО НИ СЕ СЛУЧИ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ!

Пред само неколку месеци Македонија се соочи со случај на сериски убиства на жени. Денес имаме обвинение за ЧЕТИРИ УБИСТВА И ДВА ОБИДА ЗА УБИСТВО!

А знаете што е најстрашно? Дел од жените биле погребани без првично да биде утврдено дека починале од насилна смрт! Подоцна морало да се вршат ексхумации, обдукции и дополнителни вештачења, по што кај две од ексхумираните жени било утврдено дека биле жртви на убиство!

ЗАМИСЛЕТЕ! ЖЕНИ БИЛЕ УБИЕНИ, ПОГРЕБАНИ, ПА МОРАВМЕ ПОВТОРНО ДА ГИ ОТКОПУВАМЕ ЗА ДА СЕ УТВРДИ ВИСТИНАТА!

За можни пропусти во утврдувањето на причините за смртта беа поднесени и кривични пријави против двајца мртвопроверители.

И после вакво искуство, зарем не е оправдано да бараме максимална внимателност, стручност и темелност при секое медицинско вештачење и секоја обвинителска одлука?!

Колку уште пати треба да се покаже дека пропустите во утврдувањето на вистината можат да имаат страшни последици?!

И повторно го поставувам прашањето што го поставив и вчера:

ДАЛИ СЕ ОДЗЕМЕНИ И ДИГИТАЛНО-ФОРЕНЗИЧКИ ВЕШТАЧЕНИ МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ?

Дали се обезбедени и проверени електронските комуникации, телефонските повици и пораките меѓу обвинетиот и лицата со кои комуницирал по нападот?

Дали се испитани сите наводи за можни инструкции за прикривање траги, влијание врз сведоци или менување медицински извештаи?

Дали е ангажиран надлежниот сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика?

Дали Обвинителството испитува евентуално постоење на кривичното дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“?

Напоменувам ако некој свесно помагал да се прикријат траги, да се сокријат докази или да се избегне кривична одговорност, мора да се испита неговата улога и да се постапи согласно законот, без оглед на тоа чиј родител, роднина или пријател е!

И уште едно прашање кое не смее да остане без одговор!

ЗОШТО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРВИЧНО ПОБАРАЛО САМО МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ, А ПОТОА ПРИТВОР?!

Кој ја направил првичната процена на ризикот? Дали биле земени предвид тежината на нападот, безбедноста на жртвата, опасноста од повторување на насилството и можноста за влијание врз сведоците?

Што точно се променило за толку кратко време? Кои биле новите околности поради кои обвинетиот повторно бил приведен и бил побаран притвор?

Дали првичната обвинителска процена била стручна, законита и соодветна на опасноста?

Барам надлежните обвинителски органи да го преиспитаат и постапувањето во овој предмет, а доколку се утврдат професионални пропусти или незаконитости, да се покрене постапка за ОДГОВОРНОСТ!

Жртвата заслужува заштита, правда и достоинство. Не нова неизвесност и дополнително страдање!“, вели Зајкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK