Со поставување на фасадата привршуваат градежните работи на доградбата на ООУ „Коле Неделковски“. Доградбата на училиштето опфаќа 6 училници, од кои 4 ќе бидат за настава, 2 кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Во доградениот дел исто така поставена е и рампа за лица со попреченост, а во тек е и поставување на лифт за лица со инвалидитет како и тоалет за нивните потреби во приземниот дел. Градежните зафати на фасадата треба да завршат за дваесетина дена со што дополнителниот дел ќе се вклопи во целосниот лик на училиштето. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски беше на увид на објектот кој треба да биде готов до почетокот на учебната година во септември.
„Со доградбата на капацитетите на училиштето Коле Неделковски се отвора простор за упис на околу 100 нови ученици. Истите наставата ќе ја следат во училници кои се соодветни на модерните услови во кои треба да се одвива образованието. За нас инклузивноста е клучна затоа во проектирањето планиравме и пристапна рампата и лифт за лица со попреченост со цел истите да имаат непрeчен пристап во училиштето’’, рече Герасимовски.
Според надлежните, проширувањето на капацитетите во ООУ „Коле Неделковски“ се изведува согласно сите современи стандарди, дел од фасадата е структурална, а прозорците се алуминиумски со висок квалитет. Оваа инвестицијата во училиштето е прва после 66 години од неговото отворање. Општина Центар ќе продолжи да вложува во унапредување на условите за воспитување и образование на децата според модерни, европски и светски стандарди.