Да се воведе државна награда „Блаже Конески“ и стипендија за талентираните ученици и студенти за изучување на обемното дело на великанот Блаже Конески и на македонскиот јазик, го обнови барањето фондацијата, сега културно-едукативен центар „Небрегово“ пред родната куќа на Конески во Небрегово. По повод 5 мај денот на македонската азбука и денот на македонскиот јазик, 30-тина ученици од прилепското основно училиште кое го носи името на кодификаторот на македонскиот современ јазик, поет, писател и академик Конески, твореа ликовни и поетски творби инспирирани од Конески, како дел од проектот „Хепенинг“ на прилепскиот Завод и музеј“.
Атанас Конески, секретар на фондацијата и културно-едукативен центар „Небрегово“ нагласува дека изучувањето на делото на Конески и на македонскиот јазик се поттикнува и оформува од најмала возраст.
-Уште на 100 годишнината од раѓањето на Конески побаравме да се именува улица на Конески во Скопје, собранието да донесе и да се утврди годишна награда „Блаже Конески“ и да се заведе стипендија за талентираните ученици и студенти кои ќе ги изучуваат епохалното дело на Конески, а и македонскиот јазик. Денешниов настан, овде пред родната куќа на Блаже Конески во Небрегово е уште еден показ и доказ дека само практичната употреба, практичното говорење го потврдува почитувањето на епохалното дело на Блаже Конески и е доказ како треба да се негува, да се употребува, да се користи македонскиот јазик. тоа е уште една потврда за нашето национално опстојување и крајното творечко ангажирање од најмладите. А овој пример покажува како треба да се подготвуваат идните ученици и студенти кои ќе го студираат македонскиот јазик, а не само да се чекаат да дојдат, изјави Атанас Конески.
Заводот и музеј од Прилеп петта година гфо спроведува проектот „Хепенинг“ со финансиска поддршка на министерството за култура. Денешната културно-едукативна активност, ликовна и поетска колонија е само една од активностите. Проектот почна со најмалите од градинките со музичко-сценска активнот. за именденот на Блаже Конески се одржа музичко-сценски перформанс, во соработка со детскиот центар „Тик-так“. денешната активност ево соработка со Друштвото на писателите од Прилеп. На 17мај во небрегово ќе има мултикултурна активност со читање на поезијата на Конески на седум јазици.
-Ќе се чита поезијата на Блаже Конески на седум јазици, и тоа: на македонски, на албански, на турски, бошњачки, германски, на ромски и англиски. Ги посетивме и училиштата од руралните средини, има интерес. Ќе се играат и народни ора и тоа значи дека Блаже Конески нѐ обединува во различностите. Проектот го заокружуваме со соработката со КУД „Мирче Ацев“ кое токму пред родната куќа на Конески во Небрегово ќе го изведат „Тешкото“ , објаснува Лилјана Неделкоска од прилепскиот „Завод и музеј“, раководител на проектот.
Учениците знаат за големото дело на Конески и се инспирирани да творат.
– За нас Блаже Конески претставува една од најзначајните личности за македонскиот јазик, како кодификатор и редактор на тритомниот речник. Ние сме запознати уште од најрана возраст со неговото дело. Ги обработуваме неговите песни, како „Тешкото“ , „Везилка“, „Болен Дојчин“, вели Марија Шекероска, ученичка од основното училиште „Блаже Конески“ од Прилеп
– Како ученик во училиштето кое го носи името на великанот, се чуваствувам задолжена да ги следам чекорите на Конески. денес сум овде да творам за него, да се инспирирам од неговиот живот. Инспирирани ги создадовме стиховите и ги прочитавме, вели Леона Аврамоска од училиштето „Блаже Конески“ од Прилеп.