Алијансата за Албанците изразува длабока загриженост за начинот на финансиско управување во Општина Чаир. Од таму велат дека општината се задолжила со два милиони евра кои, како што велат, ќе се искористат за отплата на стари долгови.
„Советот на Општина Чаир ја усвои одлуката за започнување на постапка за земање долгорочен кредит во износ од 120 милиони денари, односно околу 2 милиони евра. Според презентираните материјали, овие средства не се наменети за нови проекти, паркинзи, зеленило или капитални инвестиции, туку за отплата на постојните долгови. Само пред шест месеци на граѓаните им беше ветен развој. Денес им се нуди нов долг за покривање на старите долгови. Ова не претставува одговорно управување, туку јавно признание за финансиска криза во општината“, велат од АА.
Од партијата бараат од раководството на Општина Чаир веднаш јавно да соопшти за кои долгови се зема овој кредит, кои обврски ќе бидат подмирени и кој ќе сноси одговорност за оваа состојба.
„Граѓаните имаат право да знаат дали плаќаат редовни обврски или ги сносат последиците од лошото управување, партиските вработувања и сомнителните договори. Исто така, бараме од Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија да извршат контрола на јавните набавки, договорите и финансиското работење на Општина Чаир. Секој денар земен на заем претставува товар за граѓаните и мора да биде оправдан до последниот денар. На Чаир не му треба нов долг за да ги покрива старите долгови. На Чаир му се потребни одговорност, транспарентност и чесно управување“, велат од Алијансата за Албанците.