Турската полиција го уапсила Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за двојно убиство, откога директен оперативен извор на македонската полиција го лоцирал и известил за неговита намера да тргне кон Истанбул. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва извести дека нашите служби од секторот за меѓународна соработка стапиле во директен контакт со оперативниот извор во Баликесир откако добиле известување дека Палевски влегол во Турција.
„Во Турција оди во градот Баликесир и нашите служби од секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт, директно не само со власите, со полицијата, туку стапуваат во контакт со еден нивен оперативен извор кој што за многу кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека од тука практично сака да замине во Истанбул. Таму останува, во Баликесир. Се подготвува најмува такси-возач за да оди во Истанбул и тука е практично симулирањето дека ќе оди, оти повторно се враќа назад во градот. Денеска попладнево од страна на колегите од турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите, меѓутоа во Баликесир“, рече министерот Спасовски.
Оперативниот извор во Турција им јавил и дека Палевски симулира дека оди за Истанбул.
„Крајната дестинација му била Истанбул, според сознанијата од нашиот извор кој што ние го имавме таму, директен. Затоа земал такси и практично знаевме од изворот дека земал такси да оди во Истанбул, излегол од Баликесир, тргнал кон Истанбул и за кратко време се вратил пак назад во Баликесир. Тоа е таа симулација, веројатно мислел дека на тој начин нема да биде откриен“, објасни министерот Спасовски.
Тој вечерва се заблагодари на сите кои работеле на случајот, посебно на колегите од „пријателска Турција“, „пријателска Србија“, од Република Бугарија, но и од Хрватска која самоиницијативно направила проверки и ја известила македонската полиција дека Палевски не е кај нив.
Министерот Спасовски рече дека детали околу апењето, изјавите на Палевски по апсењето ќе се споделат кога ќе биде донесен кај нас, а на екстрадицијата ќе работи Министерството за правда.
Палевски е осомничен дека е организатор и извршител на убиствата на 14 – годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.