Николовска најавува интензивна работа на предлогот за иницијатива за уставни измени

Работната група за нацрт на иницијатива за потребата од уставни измени денеска одржа седница на која се дискутираше за Деловникот, методологијата и начинот на работа. Следната средба е закажана за в четврток, а се најавува нивно интензивирање во наредниот период.

Претседателката на работната група поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска изјави дека се изготвува деловник за работа, а тоа ќе продолжи и на следната средба.

-Прво, работиме сега на деловникот за работа на работната група. Понатаму дел секако ќе фатиме и методологијата на работата, меѓутоа она што е најважно е дека ние целата наша активност ја сведуваме на она што значи предлог за поведување на оваа работа. Утре, задутре и решенијата веројатно ќе имате можност да ги видите, а и претходните документи и заклучоци на Влада, заклучоци и одлуки на Собранието врзано за се она што претходно се укажуваше од ЕУ, за се она што на одреден начин упатува на потреба од измени, рече Николовска.

Претседателката на работната група вели дека рок не им е даден, но ќе се работи на иницијативата.

Николовска рече дека се шпекулации информациите дека освен внесувањето на Бугарите и на други помали заедници во Преамбулата, таа ќе се збогати со наратив за утврдување на самобитноста на македонската нација и корените на македонскиот јазик.

Во однос на членовите на групата и бојкотот на опозоциската ВМРО-ДПМНЕ, поранешната судијка вели дека „она што е важно граѓаните го знаат, дека на сите им беше понудено да бидат дел од оваа работа„.

-Тоа што одредени политички партии и одредени личности не прифатија да бидат членови, или не прифатија да бидат дел од работната група преку политичките партии е нивни проблем. Жалосно е што не сакаат да учествуваат во работата каде што ќе можеле своите аргументи, предлози итн. да ги презентираат и јавноста да знае што кажале едни, што кажале други. Меѓутоа, избрале друг начин на активност којшто не е, според мене, во ред и којшто не може да донесе до она што значи ефективно јавно прикажување на работите и од друга страна презентирање на аргументите, вели Николовска.

Според неа, аргументите се најголема сила на која било одлука. -Зборување на страна, давање на изјави без да се знае и без да се конфронтираат мислења, без да се конфронтираат аргументи и презентираат и одлуки и ако сакате само аргументи не оди во насока на демократија, не оди во насока на владеење на право, и ако сакате не оди во насока на соодветно информирање на јавноста, рече Николовска.

По завршувањето на средбата Министерството за правда најави интензивирање на работата на Работната група за подготвување на предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот.

-Предлагач на уставните измени е Владата која го задолжи Министерството за правда да формира работната група. Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот на Република Северна Македонија. По изготвувањето предлогот ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание, се наведува во соопштението.

Предлогот, како што се посочува, ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. На работната група, која ќе продолжи со работа во четврток, не и е даден рок за подготвување на предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот.

Leave A Comment