Најдобрата студентка на Факултетот за безбедност ќе биде дел од МВР, посочи Спасовски

Најдобрата-студентка-на-Факултетот-за-безбедност-ќе-биде-дел-од.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати пред новата генерација дипломци и магистранди на Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот ,, Свети Климент Охридски„ во Битола.

Истакнувајќи дека образовниот процес беcсомнение е најважниот стадиум во академското профилирање на младите, Спасовски рече дека секогаш кога има прилика да се сретне со млади луѓе, им вели да бидат непобитни.

„Бидете љубопитни, бидете проактивни и секогаш да тежнеете кон подобрување. Бидејќи, интегритетот е суштински за професијата која сте ја избрале или ќе ја изберете. Полициската работа подразбира стручност во спроведување на законите кои значат заштита на човекови права, а ние како институции сме подготвени да ви ја дадеме нужната поддршка за вашето интегрирање во општеството, во безбедносната заедница на државата. Како министер за внатрешни работи сум особено горд што можам тука пред вас слободно да кажам дека создадовме институција во која претставува чест да се работи. И морам да кажам дека воопшто не беше прашање дали треба да се реформира МВР, туку мораше да се направи тоа, да се воведат европските вредности во институцијата, за да самото општество започне да функционира по европски терк”, истакна министерот Спасовски.

Притоа, тој се осврна на фактичката состојба во поглед на стратешката трансформација на МВР, за активностите коишто се преземени во насока на обезбедување високи стандарди на полициско работење и секако висок социјален статус на вработените.

„Со набавени опрема и униформи кои и до 15 години не биле претходно набавени, со 80 реконструирани полициски објекти, со градба на ИКТ Центар во Прилеп со кој се промени информатичката инфраструктура на МВР, со изградба на најсовремената форензичка лабораторија на овие простори, со воспоставен систем на итен хеликоптерски транспорт со медицинска опрема и опрема за гаснење пожари во Одделот за воздухопловни единици. И секако, со 35% зголемени плати и исплатени сите бонус плати откако го преземав раководењето со Министерството. Ова е само мал сегмент од сработеното, кое го постигнавме со идентичен буџет како тој од претходните раководства на МВР. Тоа е така затоа што работиме по принципи – на стручност, одговорност, правичност, дисциплина и пред се’, подготвеност и волја за промена”, истакна Спасовски. Притоа, тој ја истакна отвореноста на МВР за континуирана соработка со Факултетот за безбедност.

„Така, драги дипломци, ова се и принципите коишто во изминатите години сте ги акумулирале како знаење кое сега треба да го преточите во практична операционализација. И уште еднаш сакам да потенцирам дека ние како институција секогаш сме биле отворени за целосна и континурирана соработка со вашиот Факултет, пред се’ во име на заедничката цел што ја споделуваме – гарантирање на севкупната безбедност на граѓаните и државата”, рече министерот Спасовски, упатувајќи честитки до дипломците и магистрандите за трудот и успехот, посакувајќи им успеси на личен и професионален план.

Пред традиционалното фрлање на дипломските капи, министерот Спасовски пред аудиториумот рече дека денеска има донесено одлука, прогласената најдобра студентка на Факултетот, Ивана Мукоска, да биде дел од МВР, во Одделот за Европска Унија и меѓународна соработка, за што постапката започнува веднаш.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK