На финалето на првата национална олимпијада за вселената млади од цела Македонија изработија експеримент „АТМОСФЕРСКА ИЗВИДНИЦА”

NacionalnaOlimpijadaVselena_naslov
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Минатиов викенд се одржа финалниот настан на пилот-проектот Прва Национална Олимпијада за Вселената, на спортскиот аеродром Стенковец. За време на финалето 8 најдобри тимови од регионалните натпревари земаа учество во Мисијата „АТМОСФЕРСКА ИЗВИДНИЦА“ и учествуваа во работилница, водена од експертот за вградени системи и мехатроника Благој Ќупев, и имаа можност заеднички да подготват експеримент преку поврзување на сензори за мерење на влажност, температура, барометриски притисок, CO2, и загаденост на воздухот (TVOC).







Сензорите како „товар“ потоа ги прикачија на дрон со помош на Марко Лазетиќ, експерт и конструктор на дронови и други летала, а по летањето ги анализираа добиените податоци и разговараа за можните начини на подобрување на експериментот. Дел од учесниците работеа и на осмислување и креирање на лого за мисијата по примерот на официјалните мисии за летови во вселената организирани од Америчката Агенција NASA. Учесниците имаа и уникатна прилика да летаат и со балон со топол воздух и да поразговараат за закони од областите физика, кинематика и термодинамика, а на возбудата, љубопитноста и интересните разговори им немаше крај.

Првата Национална Олимпијада за вселената е во организација на Њуменс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс со поддршка на Американската Амбасада во Скопје. Целта на оваа иницијатива е промоција на STEAM вештините и концептот на „граѓанин-научник“ заради зголемување на интересот на учениците од 8мо и 9то одделение, како и од средните училишта за природните науки и техничките професии како нивна идна професија. Претставничка на Амбасадата на САД во земјата го посети настанот и разговараше со учесниците за нивните впечатоци и придобивките од ваков вид на активности каде младите имаат можност тоа што го учат во школските клупи да го применат на повисоко ниво и во пракса.

Во рамки на Олимпијадата на финалниот настан му претходеа 4 регионални натпревари во Гостивар, Охрид, Прилеп и Штип, кои се реализираа од почетокот на година. Иако стануваше збор за прв пилот проект од ваков вид учество земаа вкупно 300 ученици и 40-тина ментори од 20 градови и населени места, од кои 60% девојки, а 25% учесници од рурални средини. За време на регионалните натпревари учесниците работеа со ментори од училиштата и тимски решаваа предизвици селектирани од јавната дата база на програмата за ученици и едукатори NASA STEM Engagement. Посебна благодарност упатуваме до Општините, Директорите од сите вклучени училишта, како и менторите кои посветено ги поддржуваа учениците.

За време на настанот беше промовирана и кампањата “Подари му го најубавиот Новогодишен подарок на Лео„ со тоа што ќе донираш за неговото лекување (#ДонирајЗаЛЕО, #ОдСрцеЗаЛЕО). Кампањата има за цел прибирање сретства за 18-годишниот Леонид Индов, кој беше дел од победничкиот тим AERTH на NASA Space Apps Challenge 2022 од Скопје, а летово доживеа сериозна несреќа за време на летување во Грција, по што му беше направена комплицирана операција на ‘рбетниот столб.

Лео е исклучително момче, кое зрачи со посебна енергија, добрина и кроткост. Тој е и голем другар и талентиран млад програмер, кој оваа година требаше да оди во 4та година во Матматичката Гиманзија, но на него и неговото семејство им претстои голема борба.

НА ЛЕОНИД МУ Е ПОТРЕБНО ИТНО ЛЕКУВАЊЕ СО РЕХАБИЛИТАЦИЈА ВО СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА!

За жал во Македонија нема соодветна установа и методи за лекување, а секое дополнително чекање ќе го направи опоравувањето многу потешко. Клиники од Австрија и Швајцарија веќе го разгледаа неговиот случај и даваат солидни шанси за опоравување. Секој мал придонес ќе помогне во остварувањето на неговиот сон да се врати во училишните клупи и да продолжи да биде инспирација за следните генерации.

ВЕ МОЛИМЕ ДОНИРАЈТЕ преку:
1. Јавување на телефонските броеви Т-мобиле: 143-118 / А1: 143-500 (100 денари од јавување)
2. За уплата од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ Банка
3. За уплата од странство: IBAN: MK07210501567799991, SWIFT: TUTNMK22, NLB BANKA AD SKOPJE
4. Уплата од странство со картичка преку GoFundMe: https://bit.ly/Donate4Leo

Сега е моментот да покажеме колективна добрина, човечност, како и корпоративна одговорност, за што побрзо да ја вратиме намевката на неговото лице!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK