Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола кој беше затворен по Иницијатива за забрана за работа поднесена од Левица, а и против чиј претседател, Љупчо Горгиевски, се води судска постапка, повторно воскресна за време на празникот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, информираат од Левица.
Деновиве, како што велат во соопштението, не се огласија со осуда ниту власта во заминување на СДС и ДУИ, ниту партиите од власта што треба да дојде – ДПМНЕ со нејзините коалициони партнери ВРЕДИ и ЗНАМ.
„Со тоа епидемијата на неофашистички здруженија кои никнуваа на територијата на Република Македонија, под покровителство на пробугарските СДС и ДУИ и кои имаа за цел да провоцираат и промовираат фашистички асимилаторски вредности, продолжува.
На Фејсбук – страницата на Клубот, споделени се фотографии од настанот одржан на 24 мај, каде е наведено дека се промовирало изданието на „Голема бугарска читанка или втор дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари на Кузман Шапкарев, 1868 година“.
Според објавата, настанот се одржал во заедничка организација на Клубот „Иван Михајлов“ Битола и Здружението на македонски Бугари „Интеракција“, Воено-историската комисија, Сојузот на резервни офицери Воено училиште на Величество, СЗО и Патриотско државјанство 2024. Меѓу присутните биле и претседателот и членови и од новоформирано здружение „Балкански мост“ кое е формирано минатата година, исто така со битолски активисти.
Според јавно објавената информација и споделената видео – снимка, децата од хорот „Еумолпеја“ од Пловдив – Бугарија, ја отпеале бугарската училишна химна ,,Върви народе възродени“ или во превод „Одете луѓе преродени“, а со дечињата во хор пеат и членовите на Клубот и конзулот. Во објавата пишува дека песната е по текст на Стојан Михајловски, за како што наведуваат – „дете на ВМОРО“ и музика на Панајот Пипков, за кого од Клубот пишуваат дека бил близок пријател на Гоце Делчев“, појаснуваат од Левица.
Од оваа партија оценуваат дека, индоктринацијата што преку културата перфидно се спроведува инволвирајќи и деца и безрезервно доделувајќи разни видови помош, дури и материјална, од страна на покровителите на бугарштината, е само продолжување на „добрососедската” мантра на Бугарија за негирање на македонскиот народ, македонскиот јазик и неговото постоење и која се премолчува од македонските институции, наместо да се постават остри црвени граници на допустливото делување во Македонија и делува како подготовка за внесување на Бугарите во Уставот.