Левица: Нова рунда измени – ДПМНЕ го претвора законот за градење во перална за градежни пропусти – прво гради, потоа државата ќе ти ги испегла документите


nikoloski-bukojcani-kicevo-3.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Дали Законот за градење се менува за да ги заштити граѓаните или за да ги извлече од административен ќор-сокак оние што веќе граделе, менувале проекти и добивале дозволи по поинакви правила? Ова е суштинското прашање што го отвора новиот предлог на министерот Александар Николоски, со кој Владата на ДПМНЕ бара од Собранието, по скратена постапка, да изгласа низа исклучоци за брани, електроцентрали, енергетска инфраструктура и веќе реконструирани државни објекти“, велат од партијата Левица.


„За обичниот граѓанин се бара секој документ однапред. За крупните проекти – сè повеќе исклучоци отпосле. Левица предупредува дека јавниот интерес не смее да биде последната ставка во закон што уредува објекти од кои зависат безбедноста на населението, природните ресурси, јавните пари.

Владата го проширува постојниот исклучок за одредени инфраструктурни градби и на браните со акумулации. Имено, кај определени јавни инфраструктурни проекти законот веќе дозволува, доколку во текот на изградбата се направени измени без спроведување на постапката предвидена во член 69, да се изработи проект на изведена состојба што го заверува надзорен инженер.

Сега Николоски предлага истиот посебен режим да важи и за брани со акумулации! Но, браните не се обични бетонски конструкции. Станува збор за огромни објекти што задржуваат милиони кубни метри вода, чија стабилност е непосредно поврзана со безбедноста на населението, земјоделското земјиште, водоснабдувањето и природните екосистеми.

И токму кај такви објекти, наместо најстрога претходна контрола на измените, Владата ја проширува можноста фактички изведената состојба накнадно да се документира.

Понатаму, за добивање градежна дозвола за одредени енергетски објекти ќе треба да се достави известување дека проектот е опфатен со важечкиот Годишен план за изградба на енергетски објекти.

Но со член 11 Владата истовремено признава дека претходно издадените одобренија, засновани на известување за поднесена иницијатива за вклучување во тој план и не морале да бидат дел од никаква програма, а тие сега да се сметаат за усогласени со новиот услов.

Владата воведува и исклучок за одредени енергетски и инфраструктурни градби кога за време на изградбата ќе се измени урбанистичката документација. Односно, ќе можат да се прават измени на самата градба, под услов да не се менува намената и да не се влијае на функционалноста.

Но, иста намена не значи и иста градба Електроцентралата може да остане електроцентрала, но да се промени распоредот на објектите, техничката конфигурација или други карактеристики што имаат значење за просторот и околината.

Со предложениот исклучок се отвора прашањето дали урбанистичките планови ќе продолжат да бидат рамка на која инвеститорите мора да се приспособат или ќе се создаде простор тие да се менуваат заради веќе започнати проекти.

Понатаму, Владата предвидува можност за издавање употребни дозволи за поединечни делови од објекти за производство на електрична и топлинска енергија, трафостаници, складишта на електрична енергија и линиска инфраструктура.

Да објасниме наједноставно: Замислете инвеститор што добил одобрение за изградба на голем енергетски комплекс. Во проектот се предвидени повеќе делови, постројки и придружна инфраструктура.

Но пред да биде завршен целиот комплекс, инвеститорот бара да почне да го користи првиот завршен дел.

Новиот член овозможува за тој дел да се издаде употребна дозвола, доколку претставува градежна и функционална целина. Подоцна може да се издаде употребна дозвола и за другите завршени делови.

Прашањето е како ќе се гарантира, на пример, безбедноста кога во употреба се пушта само дел од голем енергетски комплекс?! Што ако одделната постројка е изградена, но противпожарниот систем за целиот комплекс сè уште не е завршен? Што ако одредени системи за заштита на околината зависат од делови што допрва треба да се изградат?

Владата отвора и уште еден исклучително чувствителен фронт: јавните пари и веќе изведените градежни работи.

Станува збор за државни и општински објекти за кои претходно биле издадени правосилни решенија за реконструкција, но при изведувањето се појавиле дополнителни работи и адаптации.

Владата предлага тие објекти да можат да бидат запишани во Катастар и ставени во редовна употреба. Просто кажано, отпосле ќе се пеглаат хартиите, а целата постапка претходно ќе биде легализирана.

Ако при реконструкција на јавен објект биле изведени дополнителни работи, кој одлучил дека тие се неопходни? Кој ги нарачал? Кој ги одобрил? Колку чинеле? Дали биле опфатени со законски спроведена јавна набавка или измена на договорот?

Дополнително, ДПМНЕ го намалува потребното работно искуство од две на една година за определени службени лица што вршат заверка на основни проекти за градби од прва категорија. Станува збор за градби од особено значење, каде што административната и стручната одговорност не смее да се потценува.

И покрај сите овие прашања, Владата предлага законот да се донесе по скратена постапка, бидејќи, како што наведува, не се работело за сложен и обемен закон. Тринаесет члена, а последиците може да се мерат во милиони евра јавни вложувања, големи енергетски капацитети и безбедноста на населението.

За Левица, централното прашање е јавниот интерес. Јавен интерес е браните да бидат безбедни. Јавен интерес е енергетските капацитети да се градат според јасни и однапред познати правила. Јавен интерес е ниту една постројка да не биде пуштена во употреба без докажана безбедност. Јавен интерес е за секој денар потрошен за реконструкција на државен објект да постои проверлива одговорност.

Законите треба да ги дисциплинираат инвеститорите, а не граѓаните да ги изложуваат на ризици од нивните исклучоци“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK