Македонската асоцијација за управување со цврст отпад на Светскиот конгрес на ИСВА во Лондон: Меѓународна соработка за одржливо управување со отпадот и подобра иднина


delegacija_cvrst_otpad_00004
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонската асоцијација за цврст отпад МАСВА учествуваше на Светскиот конгрес на Меѓународната асоцијација за цврст отпад ИСВА, што се одржа од 9 до 11 ноември 2026 година во Лондон. Во фокусот на учеството на македонската делегација беа зајакнувањето на меѓународната соработка, размената на искуства и можностите за воспоставување одржлив систем за управување со отпадот во земјата.

Делегацијата на МАСВА, предводена од претседателот д-р Влатко Трајкоски, оствари средба со претседателот на ИСВА, Џејмс Ло. Во рамките на средбата се разговараше за унапредување на соработката и за поддршка на примената на принципите на кружната економија. МАСВА ги презентираше клучните национални предизвици во управувањето со отпадот и можните решенија, со акцент на значењето на меѓународното искуство и стручната соработка во развојот на систем приспособен на потребите на земјата.


Во рамките на конгресот беа реализирани и средби со претставници на компании и организации од повеќе земји. На средбите беа презентирани потенцијални проекти за соработка во Македонија и беа разгледани можностите за поврзување на домашните чинители со меѓународни партнери во областа на управувањето со отпадот и ресурсите.

Една од централните пораки на годинешниот конгрес беше создавањето трајно наследство преку одговорно управување со ресурсите и решенија што ќе придонесат за поздрава животна средина и подобар квалитет на живот за идните генерации. Мотото „Create Legacy“  „Да создадеме наследство“ ја нагласи потребата знаењето, иновациите и партнерствата да се преточат во долгорочни подобрувања во заштитата на здравјето, животната средина и економијата.

„Наследството нема да се мери според говорите што ги одржуваме, туку според животите што ги подобруваме“, порача претседателот на ИСВА, Џејмс Ло, во обраќањето на отворањето на конгресот. Тој ги повика учесниците да ги пренесат искуствата во своите земји и активно да ги предводат промените, нагласувајќи дека зад секој тон отпад стојат ресурси и можности.

Во таа насока, на конгресот беше истакната важноста за намалување на создавањето отпад, повторната употреба, рециклирањето и поефикасното користење на ресурсите. Посебно внимание беше посветено на политичката вклученост, долгорочното планирање, инвестициите и соработката меѓу институциите, компаниите и стручната јавност како предуслови за трајни резултати. Овие приоритети ја поврзуваат денешната одговорност за отпадот со создавањето поодржливи заедници за генерациите што доаѓаат.

Конгресот обедини претставници на национални асоцијации, влади, компании, академската заедница и меѓународни организации. Преку панел дискусии, стручни презентации и размена на практични искуства беа разгледани современи пристапи и иновации за управување со отпадот, заштита на животната средина и забрзување на преминот кон кружна економија.

За МАСВА, учеството на овој меѓународен собир претставува можност националните предизвици да се поврзат со глобалното знаење и искуство, а остварените контакти да послужат како основа за натамошна соработка и развој на применливи решенија во земјата.

За МАСВА

Македонската асоцијација за цврст отпад – МАСВА е основана во декември 2013 година како невладина и непрофитна организација, со цел промовирање на одржливиот развој и унапредување на управувањето со отпадот во земјата. Асоцијацијата обединува компании, организации и експерти и работи на размена на стручни знаења, промоција на современи технологии и добри практики и јакнење на соработката во секторот. Како национална членка на ИСВА, МАСВА го поврзува домашниот сектор со меѓународната професионална заедница и придонесува за унапредување на одржливото управување со отпадот и кружната економија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK