Денешната одлука на собраниската комисија со која Катерина Зајковска е предложена за нов член на Антикорупциска комисија претставува скандалозен обид за континуитет на истите структури кои ја компромитираа Антикорупциската комисија, велат од Левица.
Одтаму наведуваат дека претходно објавиле, како што велат, сериозни сомнежи дека токму Катерина Зајковска, како вработена во секторот за финансирање на политички партии во ДКСК, била дел од прикривањето на спорните податоци поврзани со фирмата „Буст ДООЕЛ“ – фирма на синовите на Цвета Ристовска.
„Скандалот е уште поголем ако се знае дека токму страницата со „Буст ДООЕЛ“ недостасувала во извештајот за претседателската кампања на ДПМНЕ, иако фирмата инкасирала околу 2 милиони денари од изборната кампања. Додека Цвета Ристовска ја сокри оваа фирма од нејзиниот анкетен лист, Катерина Зајковска била член на институцијата која треба да врши контрола на изборното финансирање на партиите. Особено загрижува што Катерина Зајковска и самата потврди дека страницата со „Буст ДООЕЛ“ недостасува во извештајот, но наместо дисквалификација, денес пратениците од власта ја наградија со кандидатура за член на ДКСК. Со вакви кадровски решенија, Антикорупциската комисија се претвора во заштитен штит на политичко-бизнис мрежи блиски до власта“, велат од Левица.
Наместо Антикорупциска комисија со интегритет, додаваат од партијата, режимот на власт врши ротација на партиски послушници поврзани со скандали, прикривање фирми и сомнежи за политичка заштита на корупцијата.