Државната лотарија на Македонија, која е под директна палка на ДУИ, според податоците на Централиот Регистар, бележи загуби од 300.000 евра, велат од Левица.
„Според финансиските извештаи, може да се забележи дека Државна лотарија во 2022 година има остварено 7,5 милиони денари помалку приход од претходната 2021 година. Во однос на нето добивката, бележи намалување од скоро 19 милиони денари споредбено со 2021 година. Затоа пак, нето расходите бележат рекордно зголемување од 90 милиони денари.
Негативата во работењето се случува во период кога ДУИ ја има целосната контрола во економскиот и правосудниот систем во државата. Компании како „Арбериа дизајн“ и „Арс ламина“ се едни најчести добитници на тендерските постапки. Истите компании се јавуваат и како најчести добитници на тендерите, што ги распишува министерството на Артан Груби.
Левица и претходно објави за матните зделки кои се случуваат во Државна лотарија и поврзаноста на компаниите кои се блиски со ДУИ и Артан Груби. Државна лотарија одамна служи за испумпување на финансиски средства кон фирми и поединци кои се во директна или, пак, индиректна врска со вицепремиерот Груби.
Основното Јавно Обвинителство на чело со Ислам Абази повторно нема никаква реакција за работењето на Државна лотарија, што потврдува дека правосудството во Република Македонија е директно контролирано и окупирано од криминогената ДУИ“, се вели во соопштението на Левица.