Деновиве беше потврдено дека компанијата „САНС-АГ“ од Штип незаконски увезува и произведува тешко масло за ложење, лажно декларирано како мазут М1, кое има канцероген ефект по здравјето на луѓето. Регулаторната комисија за енергетика, иако целосно е запознаена со случајот, не презема ништо.
„САНС-АГ“ ваквото канцерогено гориво со лажни фактури го продава на контроверзната компанија „РКМ” на Ратко Капушевски, кој под закрила на власта го продава на јавни институции и претпријатија, меѓу кои е и загадувачот ТЕЦ Неготино. Иако Капушевски беше директор за време на владеењето на ДПМНЕ, тој за време на владеењето на СДС и ДУИ сега стана најголем продавач на гориво, информораат од партијата Левица.
Оваа компанија, според Левица, благодарение на снабдувањето на ТЕЦ Неготино, има продадено речиси 154.000 тони мазут и со тоа е на првото место по продадени количини гориво на потрошувачи надвор од бензинските станици. Компанијата на Капушевски очигледно е омилена за соработка на криминогената влада, па истата бележи раст на добивка од дури 2.746%!
„Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, 14 месеци ги игнорира наодите на Инспекторатот за животна средина, Пазарната инспекција и УЈП и не покренува постапка за одземање на лиценцата на „РКМ”, која канцерогеното гориво лажно го прикажува како мазут М1. Колку време ќе му треба на Бислимовски за да ја одземе лиценцата на геноцидните енергетски компании?! Очигледно е дека сите бизниси за партиските олигарси се озаконети преку Регулаторна комисија за енергетика.
Бислимовски, со цел да се спасат големите играчи во нафтениот бизнис, ја смени методологијата за пресметка на цените на нафтените деривати од пресметка на секои две недели – во пресметка на дневно ниво. Со ваквиот начин на пресметка, им се овозможува дополнително богатење на компаниите кои тргуваат со нафтени деривати, а воедно се дел од политичко – енергетската елита во Македонија“, се подвлекува во нивното соопштение.
Според нив, случаите со модуларната болница во Тетово, скандалот на Клиниката за онкологија и канцерогениот таканаречен мазут М1 го покажуваат вистинското геноцидно лице на власта, која за екстра профит го убива сопствениот народ.
Левица, како што додаваат, се залага за укинување на РКЕ, затоа што преку партиски поставените претседатели, таа не е ништо друго, освен корумпирана испостава на власта која ги штити и озаконува криминалите во енергетскиот сектор.