Левица: Артан Груби е на чекор до слобода


Груби-Правото-на-образование-на-мајчин-јазик-е-уставно-право.png
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Сè уште нема обвинение против Артан Груби иако ВМРО-ДПМНЕ уште во февруари кажа дека судскиот процес за Груби ќе почне наскоро, обвинија од Левица.


„Мицкоски ја хранеше јавноста со приказната дека доаѓа власт пред која крупните риби ќе треперат, дека недопирливите од ДУИ ќе завршат зад решетки и конечно ќе се наплати секој криминал. Од сите тие ветувања и закани денес остана куп партиска хартија и еден спектакуларен автогол – токму Груби, кого ДПМНЕ го претвори во заштитно лице на својата предизборна ‘правда’, им ја претвори најгласната мантра во предмет за потсмев. Партијата што уште во февруари триумфално прогласи дека „судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има“ денес има “мал проблем“ – судски процес нема, затоа што обвинение сè уште нема, Груби е на чекор до слобода, а неговите ортаци не се чепнати“, велат од Левица.

Тие коментираат и за одлуката Груби наместо во затвор, да заврши во куќен притвор.

„Реалноста беше уште попонижувачка од вмровскара пропаганда. Груби прво им помина преку Блаце додека имаше активна мерка „задржи и веднаш извести“, па повеќе од една година власта што се колнеше дека никој нема да избега од правдата не успеа да го врати. Кога Груби се појави на граничниот премин, ДПМНЕ конечно требаше да ја материјализира целата своја митингашка галама за Шутка, решетки и крупни риби, но нивната страшна железна тупаница се претвори во перница… по само неколку часа Груби беше пратен во куќен притвор, а клучните аргументи беа безбедносните информации на МВР и АНБ. Така изгледа бескомпромисноста на Мицкоски во пракса – на говорница му резервираат ќелија, а кога ќе дојде време државата навистина да го задржи зад решетки, институциите произведуваат образложение зошто е подобро да си оди дома“, велат од Левица.

Партијата вели дека ДПМНЕ со години го користела Груби како симбол на неказнивоста на ДУИ.

„А кога ја доби целата извршна власт, самото нивно владеење му овозможи тој симбол на неказнивоста да стане уште подрзок – им избега пред нос, Шутка ја виде на кратко, а сега, без обвинение и пред истек на притворската мерка, е на чекор повторно да им каже „па-па““, велат од Левица.

Од таму додаваат дека на 22 август истекува актуелната мерка куќен притвор, а Обвинителството сè уште не кажува дали ќе поднесе обвинителен акт, иако, како што велат од Левица, уште во февруари официјално кажаа дека во најголем дел доказите се обезбедени.

„После две години власт, од целата предизборна галерија на мафијаши, криминалци и крупни риби со која Мицкоски собираше гласови, јавноста доби неспоредливо повеќе прес-конференции и ветувања отколку судски епилози. ДПМНЕ го користеше Груби како доказ зошто мора да дојде на власт, па кога дојде – успеа сопствените закани и ветувања да ги претвори во карикатура“, велат од Левица.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK