Кумановци за проектна документација за приклучок на гас можат да заштедат до 40.000 денари

kumanova_435353453
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Кумановци можат да заштедат до 40.000 денари за изработка на проектна документација и/или приклучок на гас. Граѓаните на најголемата општина во државава можат да аплицираат на повикот кој го објави Министерството за економија кое нуди надоместок на трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата до 70 проценти, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2023 година.







Воедно, општина Куманово веќе неколку години ги субвенционира домаќинствата со 15.000 денари за приклучок на гас.

Кумановката Орхидеја П. веќе ги разгледала документите објавени од министерството и е заинтересирана за приклучок на гас. Таа живее во стан од 102 метри квадратни во населбата „Гоце Делчев“ и ја има потребната внатрешна инсталација.

– И претходно сум размислувала да се префрлам на гас. Ги разгледав документите, ги исполнувам сите предвидени услови и очекувам субвенција од 40.000 денари и од Министерството и од општина Куманово. Сите пријатели кои користат гас се задоволни, дел од нив лани не користеа, бидејќи цената беше прилично висока. Сега колку што знам е 52 денари и е прифатливо. Се надевам дека сè ќе се заврши и наредната грејна сезона ќе се затоплувам на гас, вели Орхидеја.

Министерството за економија, првпат објави ваков оглас, со цел диверзификација на изворите на енергија и понуди програма за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата за 2023 година за Куманово и Струмица.

– Право на учество на овој јавен оглас имаат домаќинствата кои имаат изработена проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или имаат извршено приклучување на соодветниот систем за дистрибуција на природен гас во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година, соопштија од Министерството за економија.

Од ЈП „Куманово Гас“ ги повикаа граѓаните да ја искористат можноста. Обично за приклучок на домаќинствата им се потребни околу 800 евра во денарска противвредност. Со субвенцијата на Министерството за економија и Општина Куманово, физичките лица можат да заштедат околу 40.000 денари и приклучокот или изработката на проектната документација да ги чини само 9.000 денари.

– Очекуваме голем број на нови приклучоци кои би ја искористиле оваа можност за добивање на субвенции за нови приклучоци на приватни лица, со оглед дека ваква можност за првпат се пружа на граѓаните на Куманово за толку големи субвенции. Сите капацитети на ЈП „Куманово Гас – Куманово“ се ставени на располагање во интерес на нашите граѓани и тука сме да одговориме на сите барања, изјави директорот на претпријатието, Марко Митровски.

Во Куманово изградена е 23.500 метри дистрибутивна гасоводна мрежа во централното градско подрачје и во населбата Гоце Делчев. Токму од овие места можат да аплицираат домаќинствата за користење на мерката.

– Откако физичкото лице ќе поднесе барање за приклучување и ќе ја достави целокупната потребна документација, веднаш започнува процедура за приклучок. Првин се потпишува договор за приклучок и после тоа се пристапува кон инсталација на потребната опрема и конекција со гасен котел кој треба да биде монтиран од страна на инвеститорот, се вршат неопходните тестирања и официјално пуштање во употреба на приклучокот. На крај потпишуваме договор за снабдување и може да започне да го користи нашиот енергенс, вели Митровски.

„Куманово гас“ има 97 приклучоци од домаќинствата, но и 33 правни субјекти со приклучоци од кои три станбени згради кои се водат како правни субјекти и опслужуваат околу 200 станови.

– Граѓаните кои живеат во згради во кои ние како претпријатие имаме инсталирано внатрешна гасоводна инсталација можат да направат приклучок само со поднесено барање кај нас и доставување на имотен лист од нивниот стан, додека лицата кои живеат во куќи потребно е да изготват проект за приклучок во некое проектантско биро, појаснува Митровски.

Компанија која се занимава изработка на проектна документација, продажба на гасни потрошувачи (ѕидни гасни котли за домаќинства), изведба на внатрешна гасоводна инсталација до гасните потрошувачи и нивно пуштање во работа, за МИА појаснува дека на домаќинствата за изработка на проектна документација за простор од 100 метри квадратни потребни им се околу 300 евра. Оттаму додаваат дека изведба на гасоводна инсталација во објект кој се приклучува на дистрибутивната гасоводна мрежа потребни се околу 500 евра, додека гасните потрошувачи на пазарот чинат од 500 до 1.500 евра во зависност од изборот на инвеститорот.

-Штом се добие решение за изведување на градби односно поставување на опрема за кои не е потребно одобрение за градење од Сектор за урбанизам од општината, врз основа на изготвената проектна документација, тогаш инвеститорот доставува барање до „Куманово гас“ за приклучок, по што претпријатието одлучува и носи решение за приклучување на инвеститорот. Врз основа на решението се склучува договор за приклучување помеѓу дистрибутерот и инвеститорот. Врз основа на договорот а согласно количините на природен гас кои ги бара, инвеститорот плаќа на дистрибутерот такса за приклучување врз основа на важечки ценовник за приклучување на гасоводна мрежа во општината. Дистрибутерот врши градба на приклучна делница до објектот со поставување на мерило за природен гас а инвеститорот ја поставува внатрешната гасоводна инсталација со гасен потрошувач. По завршување на градба на внатрешна инсталација и поставување на потрошувачите, дистрибутерот го пушта природниот гас во објектот и склучува договор за снабдување со инвеститорот, велат од компанијата.

Целта на мерката, како што појаснуваат од министерството, е да се обезбедат квалитетни, оптимални услови за живеење од аспект на квалитетно загревање на домаќинствата со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист (во однос на мазутот, јагленот и огревното дрво) и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање со електрична енергија и систем кој е одржлив на долг рок, подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест како и намалување на PM10 честичките и СО2 во атмосферата и поголема заштита на животна средина. Заинтересираните можат да се информираат за потребните документи на страната на министерството за економија.

Цената на гасот долг период изнесуваше триесетина денари, па извесен период скокна на 80-тина денари и во еден период достигна дури 155 денари за нормален метар кубен гас. Сега повторно е стабилизирана и е помалку од 60-тина денари.

Гасификацијата на Куманово, зголемен број приклучоци долго време беше една од главните мерки за намалување на аерозагадувањето. Гасот при согорување не ослободува јаглерод моноксид, сулфурни соединенија, нема пепел, чад, продукт на согорувањето е само водена пареа која е безбедна за околината и човекот.

Александра Максимовска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK