Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија за Западен Балкан на премиерот на Обединетото Кралство.
На средбата се разговараше за севупните македонско-британски односи, кои беа заеднички оценети како исклучително цврсти, долгорочни и сеопфатни. Посебен фокус беше ставен на билатералната економска и трговска соработка, при што премиерот Ковачевски изрази големо задоволство што Обединетото Кралство е вториот најголем директен странски инвеститор во нашата земја, а Северна Македонија е првиот трговски партнер на Кралството меѓу шестте земји од Западен Балкан.
Ковачевски ја поздрави работата на британските компании во државава и изрази задоволство од формирањето на Британската Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, истакнувајќи дека истата ќе придонесе кон натамошна промоција на трговските односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и привлекување нови британски инвестиции во земјата.
На средбата се разговараше за можностите за проширување на економската соработка и во други области. „Владата која ја предводам е посветена на зајакнување на трговијата и инвестициите, посебно во областите како енергетиката и инфраструктурата“, оцени Ковачевски.
Тој го запозна британскиот трговски пратеник и со актуелностите во земјата на внатрешно и надворешно-политички план и притоа се заблагодари за континуираната британска поддршка на Северна Македонија, рефлектирана преку соработка во многу полиња, а во насока на зајакнување на демократските капацитети и економскиот развој на државата.
Специјалниот трговски пратеник, Викерс истакна дека Обединетото Кралство го препознава и поздравува придонесот на Северна Македонија во одржувањето и зацврстувањето на регионалната стабилност и безбедност, и во рамките на НАТО и нагласи дека британската поддршка на Северна Македонија во европските интеграции ќе продолжи во различни формати, иако Обединетото Кралство не е веќе дел од Унијата.