Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски ги прими претставниците на Проектот „ЕУ поддршка за јакнење на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан (EU4FAST), предводени од Ерик Винкен, проект –менаџер од холандскиот Центар за меѓународна правна соработка (CILC).
Винкен, заедно со меѓународниот обвинителски советник од Словенија Аленка Ранзингер Сагмајстер, националниот советник Зоран Додевски и правниот советник од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) Мила Станковиќ ги презентираа приоритетите на проектот кој функционира со канцеларија во просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на органиизран криминал и корупција.
Јавното обвинителство е меѓу клучните институции – корисници на проектот кој започна со имплементација во јуни 2023 година, ќе трае 48 месеци и е фокусиран на целосен пристап кој овозможува јакнење на капацитетите за превенција, заштита, гонење и партнерство при борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти.
Во рамките на овој проект до сега се реализирани повеќе активности, меѓу кои директна помош при обезбедување докази во конкретни предмети, студиска посета на обвинители од ОЈО ГОКК на Специјалното јавно обвинителство во Словенија и други словенечки институции, како и подготвителни активности за воспоставување соба за сослушување на деца – жртви/сведоци на трговија со луѓе и криумчарење мигранти во ОЈО ГОКК.
Јавниот обвинител Коцевски се заблагодари за досегашната поддршка од овој проект и изрази уверување дека во следниот период активностите на соработка уште повеќе ќе се интензивираат.