Министерот Сашо Клековски, денес, врачи дел од решенијата за вработување на 109 лица во Клиничка болница Тетово, кои досега беа ангажирани со договор на дело, извести МЗ.
Заедно со решенијата врачени пред неколку месеци, во Клиничката болница Тетово досега се вработени вкупно 145 лица од различни медицински профили, кои се неопходни за успешно функционирање на установата.
„Ви честитам на сите и ви посакувам успешна работа, професионални успеси и многу посветеност во грижата за пациентите. Вашата работа е од огромно значење за нашето здравство“, им порача министерот.
Со ова се заокружува проектот за вработување на 1.500 повеќегодишни договорци, а набрзо ќе биде комплетиран и проектот за вработување на 600 специјализанти, соопшти Министерството за здравство.