Кабинетот на Груби од оаза во која не важи забрана за пушење до простор за прослави со жива музика

Кабинетот-на-Груби-од-оаза-во-која-не-важи-забрана.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Кабинетот на првиот заменик на премиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, според досегашните објави, угости политичари, светски и домашни, служеше како простор за партиски прослави, оаза во која не важи забраната за пушење, ниту пак ковид – правилата, послужи и како игралиште за фудбал и кошарка, а годинава ја продолжи традицијата да се прослави роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Лидерот  Ахмети  денеска со жива музика си го прослави 65-тиот роденден во кабинетот на Груби.

Груби, на својот профил на „Фејсбук“ објави видео од својот партиски лидер Али Ахмети, на кое тој пее албанска народна песна во придружба на музичари со традиционални инструменти.

Но Ахмети на сличен начин го прослави и својот 62. Роденден. Во време на коронавирусот без маски, без дистанца и без ниту една жена на масата, петнаесетмина високи државни функционери од ДУИ го славеа неговиот роденден во барокната зграда во која се смести Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи тогаш објави фотографија од „новиот дом“ на првиот вицепремиер, а подоцна на социјалните мрежи се појавија и слики на кои лидерот Али Ахмети сече торта во истата просторија.

 

Тогаш сите функционери беа казнети со глоба од 20 евра, а Артан Груби како организатор плати дополнително 500 евра.

Вицепремиерот Артан Груби на 07.03 2023 година објави фотографии, но и видео запис снимени во Министерството за политички систем, со кое раководи како заедно со другите министри од ДУИ,  како се рекреираат во просториите на министерството. Се играше фудбал и кошарка.

На снимката се Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, Фатмир Бесими и Насер Нуредини. Антистрес терапија по долгиот ден – напиша Груби на Фејсбук.

Во јавноста се појавија бура реакции за оваа злоупотреба на државните простории за приватни цели.

Зградата е меѓу последните од проектот „Скопје 2014“ во вредност од 14 милиони евра и поседува десетици уметнички фотографии, кожена гарнитура и маса од масивно дрво. Во оваа зграда првично беше планирано да се смести Државната комисија за спречување на корупцијата но се направи реконструкција па објектот му беше доделен на новото министерство кое го предводи Груби.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK